Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев се измајтапи со наводите за разнесувањето на гасоводот Северен тек кои деновиве струјат во медиумите. Последните написи во Њујорк Тајмс дека се работи за проукраинска група луѓе според Медведев се „филм кој пропаднал уште на својата премиера“.
Тој укажа на фактот дека зад таква сложена операција може да стои само држава, а не група на „осамени“ индивидуалци кои на своја рака нуркале во Балтичкото море.
Медведев се пошегува и на Телеграм напиша:
„Шест закоравени саботери, со една жена меѓу нив, фатална жена – фам фатал (како може да се прави филм без жена?) излегоа на јахта во бурното Балтичко Море. Зедоа половина тон експлозив на бродот и изведоа прекрасно нуркање. И тогаш тие разнесоа две огромни цевки на дното, пред да исчезнат на зајдисонце. Незабележани од никого. Во морето, инаку полно со бродови на НАТО и меѓународни системи за надзор. Јахтата дури и му ја вратија на сопственикот, ептен е закон тоа, но и со почит кон законот“, напиша тој и додаде:
„Целта на овој евтин филм беше да ги згрози Европејците, на кои веќе им здосадува да мора да плаќаат за поддршката на ЕУ за Украина во услови на конфликт со Русија“.
Написот во Њујорк тајмс цитираше американски разузнавачи кои нагласија дека „нема вклучени американски или британски државјани“ во операцијата.
Германските медиуми, од друга страна, објавија дека според истражителите од Германија, во операцијата била користена јахта на име на фирма регистрирана во Полска која им припаѓала на двајца Украинци.
Написите во Тајмс и во германските медиуми доаѓаат откако неодамна, познатиот истражувачки новинар и добитник на Пулицер, Сејмур Херш, објави детална сторија во која тој дава наводи како се работи за вежба на НАТО-оперативци кои со помош на Норвешка ги поставиле експлозивите за два месеци подоцна да ги детонираат преку далечински управувач.