Вчерашната средба во ДУИ дополнително ја продлабочи кризата во партијата. Потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, рече дека не се плашат да бидат исклучени, бидејќи според него, во ДУИ се наоѓаат од нејзиното основање, а до ден-денес никој не бил исклучен.
Вчера, како што изјави Меџити, дебатата била вештачки затворена преку надгласување. Во минатото пак, тврди тој, лидерот на ДУИ Али Ахмети дури и поддржувал создавање фракции.
Според Меџити, фракционерството навистина не е предвидено во статутот на ДУИ, но како што додава тој, многу одлуки во Мала Речица биле донесени врз основа на политичка волја, а не врз основа на статутот.
– И начинот на кој ги постави координаторите во Чаир и Сарај не е во статутот. Изборот на ограноците по принципот: еден член – еден глас, исто така, е нестатутарен, како и многу други работи. Самиот Ахмети во многу наврати има кажано дека е многу поважна политичката волја отколку статутот и во минатото повеќепати инсистираше да има фракција во ДУИ, како што има во повеќето европски партии – додаде пратеникот Меџити.
Високиот партиски функционер најави дека фракцијата ќе се официјализира.
Вчера „огнените“ најавија дека ќе дејствуваат како фракција, по што нивниот лидер им посочи дека ќе мора да го причекаат следниот Конгрес, затоа што фракционерството во ДУИ не е предвидено.