Клиничкиот центар е проект што останува како приоритетен во мојот фокус, а веќе покажаа интерес англиска и турска компанија, но и други компании, истакна министерот за здравство Фатмир Меџити одговарајќи на новинарско прашање по повод 100 дена од стапувањето на министерската функција.
– Тоа е многу добар капитален проект и треба да се среди еднаш засекогаш. Овој проект го презентиравме пред неколку амбасади, меѓу кои и онаа на САД. Работиме во оваа насока – појасни Меџити.
Тој повторно нагласи дека негов најголем предизвик и е да го спои Клинички центар Скопје и рече дека Информацијата е пратена до Влада, објаснувајќи дека потоа се потребни да поминат промените на Законот за здравствена заштита во Собрание.
– Ние работиме на тоа и секој ден сите не уверуваат и самите пациенти и самото работење дека тоа треба час поскоро да се случи. Јас ви кажав дека и во договор со директорите на ФЗОМ имаме иста визија дека со почеток на буџетската година ќе биде најлесно за да се спојат и ова да почне да функционира – рече тој.
На новинарско прашање дали е информиран дека заедничките служби на Клинички центар веќе два месеца немаат земено плата, министерот Меџити истакна дека тие се под ингеренции на Владата и не сакаше да коментира повеќе.