Техномилијардерот Илон Маск, неодамна се сретнал со иранскиот амбасадор во седиштето на Обединетите Нации, објави „Њујорк Тајмс“. Тие дискутирале за тоа како да се намалат тензиите меѓу САД и Иран, рекле за весникот двајца ирански функционери, пренесува Њузвик.
Еден од официјалните лица рече дека Маск е тој што ја побарал средбата со амбасадорот Амир Саид Иравани. Изворите го опишале состанокот како позитивен и добра вест. Директорот за комуникации на Трамп, Стивен Чеунг, не сакаше да ја коментира пријавената средба, велејќи за Тајмс:
„Не ги коментираме извештаите за приватни состаноци што се случиле или не се случиле“.
Илон Маск ќе добие битна функција во администрацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. Милијардерот планира да ја скрати јавната администрација за 1,5 милион службеници и да го ослободи буџетот од овие трошоци.
Каков е односот на Трамп со Иран и дали САД ќе имаат затегнати односи со Техеран?
Во неговиот прв претседателски мандат, Трамп ги повлече САД од Нуклеарниот договор, договор од 2015 година меѓу Иран и неколку светски сили во кој Техеран се согласи да укине голем дел од својата нуклеарна програма и да дозволи поопсежни проверки на нуклеарните постројки во замена за олеснување на санкциите.
Трамп, во тоа време воведе санкции за приходите од иранската нафта и меѓународните банкарски трансакции за време на неговиот мандат.
„Волстрит Џурнал“ неодамна објави дека Трамп планира „драстично да ги зголеми“ санкциите за да го „задуши“ приходот од нафта на Иран, за кој американската Администрација за енергетски информации минатиот месец објави дека достигнал 144 милијарди долари меѓу 2021 и 2023 година и 34 милијарди долари во 2024 година.
Исто така, Трамп во 2020 година нареди атентат на иранскиот генерал Касем Сулејмани, кој беше споменат во соопштението за печатот на Министерството за правда објавено минатата недела, во кое беше објавено осуетениот ирански заговор за убиство на Трамп.
Ајатолахот Али Хамнеи, врховниот лидер на Иран, забрани какви било преговори со претходната администрација на Трамп, но, според пет ирански претставници кои зборуваа за „Њујорк Тајмс“ во претходна статија, во новиот мандат на Трамп, постои можност за некаков траен договор меѓу Вашингтон и Техеран.