Американскиот милијардер и сопственик на Твитер, Илон Маск, на својот профил објави анкета во која ги праша корисниците на социјалната мрежа дали основачот на Викиликс Џулијан Асанж и поранешниот американски разузнавач Едвард Сноуден треба да бидат помилувани.
„Не кажувам мое мислење, но ветив дека ќе направам анкета. Прашувам дали Асанж и Сноуден треба да бидат помилувани“, изјави Маск и понуди две опции – „да“ и „не“.
Асанж (51) се соочува со 175 години затвор во САД под обвинение за објавување доверливи информации, тој е во затворот со максимална безбедност во Британија, Белмарш.
Водечките западни медиуми, вклучително и Њујорк Тајмс, Гардијан, Тајмс, Монд и Ел Паис, ја повикаа американската влада да ги отфрли обвиненијата против Асанж за објавување доверливи информации.
Сноуден (39) во 2013 година излезе во јавноста со информации за методите на електронско следење на американските разузнавачки агенции, вклучително и незаконското прислушување на разговори на странски лидери.
Тој побегна од САД и побара азил во неколку земји, вклучително и Русија. Москва му даде дозвола за престој на 1 август 2014 година, а оваа недела доби руски пасош.