Емануел Макрон ја започна првата државна посета на француски претседател на Германија во последните 24 години со топли зборови за своите домаќини.
– Француско-германските односи се клучни и важни за Европа – рече Макрон на почетокот на неговата тридневна државна посета на Германија.
„Ако Германија и Франција се обединети, тогаш во Европа се уште може да се постигне многу“, рече тој, пренесе германската агенција ДПА.
Макрон ја истакна и важноста на европските избори во јуни и ја нарече Европската унија бранител на демократијата и заедничките вредности.
Европските избори, за помалку од две недели, и потврдата за важноста на француско-германските односи за придвижување на ЕУ напред ќе бидат во центарот на патувањето што ќе го однесе во различни региони на земјата.
– Мислам дека доживуваме егзистенцијален момент во нашата Европа, бидејќи навистина мислам дека нашата Европа може да умре – рече Емануел Макрон, пренесе француски АФП.
– Постои форма на фасцинација со авторитаризмот што се раѓа во нашите демократии (…) што исто така го храни национализмот и крајностите на нашиот континент. Каква би била оваа Европа доколку со неа владееја националисти во последните години – праша Макрон и одговори дека „немаше да имаме вакцина (…), европски план за закрепнување, капацитет да одговориме на миграциските предизвици во Европа, не би имале Европски зелен договор и капацитет за управување со декарбонизацијата“.
– Би ја напуштиле Украина за да ја поддржиме Русија, која ја поддржуваат сите националисти во нашите земји, и затоа приказната нема да биде иста – тврди францускиот лидер.
Поради сите овие причини, важно е да се гласа за Европејците, заклучи Емануел Макрон, повикувајќи на „борба“ за демократија.