Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанскиот премиер Марио Драги се вратија во Полска по посетата на Украина.
Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанскиот премиер Марио Драги денеска се вратија во Полска по нивната прва посета на Украина од почетокот на руската инвазија со ноќен воз. На Украина и е ветена поддршка во Киев за добивање кандидатски статус за ЕУ, пренесува француската новинска агенција АФП.
Еден час пред пристигнувањето на нивниот воз во полскиот град Пшемисл, премиерот Драги му се придружи на претседателот Макрон во неговиот вагон на билатерална средба, пред која Макрон разговараше со Шолц.
За време на посетата на Украина во четвртокот, сите тројца водачи, на кои им се придружи романскиот претседател Клаус Јоханис, рекоа дека се подготвени да и дадат на Украина „веднаш“ официјален кандидатски статус. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави најавата и изрази надеж дека другите земји-членки ќе се договорат пред самитот на ЕУ на 23 и 24 јуни.
Конечната одлука за ова мора да ја донесат самите членки, а Европската комисија денеска ќе го претстави своето мислење за доделување кандидатски статус на Украина, Грузија и Молдавија. Се очекува мислењето да биде позитивно.
Покрај дипломати и новинари, водачите во возот биле придружувани од околу 80 француски, германски, италијански и украински чувари, наведува АФП.