Претседателот на Франција, Емануел Макрон, денеска побара од актуелниот француски премиер Габриел Атал „засега да остане на функцијата премиер на Франција“ за да се „обезбеди стабилноста на земјата“, соопштија од Кабинетот на францускиот претседател.
Премиерот Атал дошол во резиденцијата на францускиот претседател за да му понуди оставка по вчерашниот пораз на центристите во вториот круг од парламентарните избори и победата на левичарската коалиција Нов народен фронт.
Атал вчера изјави дека ќе поднесе оставка од премиерската функција, бидејќи партијата на Макрон го освои второто место на изборите зад левичарскиот Нов народен фронт.
34-годишниот Габриел Атал веќе влезе во историја кога ја презеде функцијата премиер на почетокот од оваа година, станувајќи најмладиот француски премиер.
Франција западна во политички ќорсокак, бидејќи ниту еден од трите главни блока не освои мнозинство на парламентарните избори.
Според протоколот, претседателот го назначува премиерот од најголемата пратеничка група, а Новиот народен фронт утринава најави дека сака да предложи кандидат за нов премиер до крајот на неделата. Засега во оптек се многу имиња.
Резултатите од вонредните парламентарни избори се изненадувачки, бидејќи за фаворит важеше десничарскиот Народен собир, но тие го освоија само третото место.