Европската унија може да умре ако не стане поконкурентна од САД и од Кина, предупреди францускиот претседател Емануел Макрон.
– Вашингтон и Пекинг веќе ја надминуваат ЕУ во однос на економски резултати и инвестиции. ЕУ може да умре, на работ сме на многу важен момент. Нашиот стар модел е минато. Ние регулираме премногу, а вложуваме премалку. Ако ја следиме нашата класична агенда во следните две до три години, ќе исчезнеме од пазарот – предупреди Макрон.
Во април, тој повика на поголема интеграција на европската одбрана и предупреди дека блокот не може да стане вазал на САД кога станува збор за безбедносни и воени прашања.
Неговото предупредување доаѓа по уште едно предупредување објавено во извештајот на поранешниот италијански премиер и поранешен шеф на Европската централна банка, Марио Драги.
„Постои ризик нашата Европа да умре. Ние не сме опремени да се соочиме со ризиците“, рече Драги кога ја изложи својата визија за иднината на ЕУ. Во извештајот на Драги, исто така, се повикуваат владите на ЕУ да инвестираат повеќе во заеднички одбранбени проекти бидејќи „веќе не можат целосно да сметаат на САД“.
Некои европски влади стравуваат дека вториот мандат на Доналд Трамп може да претставува ризик за НАТО доколку победи на американските избори во ноември.