Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска оствaри средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Како што соопшти Кабинетот на претседателката, на средбата биле разменети мислења и информации за евроинтеграцискиот процес на земјава и перспективите за напредок, имплементацијата на реформите и придобивките од Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан.
Заблагодарувајќи се за нејзиниот личен ангажман и заложби во однос на проширувањето, претседателката Сиљановска Давкова посочи дека Планот за раст е важен механизам со голем потенцијал, кој ќе ги забрза реформите, ќе придонесе за стандардизација, економскиот раст и напредок и ќе ја приближи земјата до Европската Унија.
Претседателката истакна дека македонските институции во повеќе области се подготвени за забрзана интеграција и вклучување во повеќе иницијативи и мрежи на ЕУ и изрази очекување дека процесот на интеграција ќе се спроведе врз основа на принципот на заслуги и Копенхагенските критериуми, пoтенцирајќи дека во нив е клучот за нашиот развој.
Посочувајќи ја важноста од одржување на кредибилитетот на Европската Унија во однос на политиката на проширувањето, претседателката ја истакна потребата од засилена поддршка од страна на европските институции со цел надминување на билатералните предизвици и забрзување на евроинтеграциите.
Претседателката изрази подготвеност за натамошно продолжување на дијалогот и ја истакна важноста новиот пристап на постепена, фазна интеграција да продолжи паралелно со процесот на пристапување.
Во контекст на регионалните случувања, претседателката Сиљановска Давкова посочи дека напредокот постигнат од секоја земја-кандидат од Западен Балкан позитивно влијае на регионалната динамика на пристапување во ЕУ. Таа ги истакна своите заложби за натамошно унапредување на севкупната регионална соработка во интерес на заедничката стабилност, безбедност и просперитет.