Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски смета дека обвинувањата меѓу шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска и директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми штетно влијаат врз доверба во институциите.
– Ова предизвикува штета на граѓаните заради тоа што вербата во институциите се губи и секој кој носи каква било функција, мора да носи одговорност – етичка, морална…. Не може да се дозволи да се растурат институции од кого било и за тоа треба цврсто да застане секој заради тоа што ако се изгуби вербата во институциите, тогаш е најголемиот проблем. Така што мора да се размислиме зошто институциите, обвинителство, судство имаат осум отсто доверба. Не верувам дека ова е начинот на којшто ќе ја зголемуваме довербата – изјави вечерва Спасовски во емисијата „Жешко политичко лето“ на Канал 5 телевизија.
Обвинувањата меѓу Рускоска и Муареми траат извесен период, а Рускоска ги повика надлежните институции во државата и меѓународните институции и амбасади „да ги проверат сите факти и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот“. Нејзината реакција уследи откако директорот на Финансиската полиција најави дека ќе поднесе кривична пријава против неа и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска.
Од Европската комисија во изјава за МИА порачаа дека внимателно ги следат сите случувања со меѓусебните јавни обвинувања меѓу Рускоска и Муареми и дека ова прашање треба да го решат надлежните институции.