Мачката на пејачката Тејлор Свифт има пари за кои повеќето луѓе можат само да сонуваат, а дури не е ни прва на листата на најбогати миленици во светот. Оливија Бенсон е една од милениците на популарната пејачка и вистинска богаташка, а нејзиното богатство се проценува на 97 милиони долари (околу 91,5 милиони евра), пишува списанието „Сѐ за мачките“ (All About Cats).
Рангирањето е направено врз основа на аналитиката на Инстаграм, а еден од главните фактори на нивното богатство е нивната популарност на социјалните мрежи.
Меѓутоа, кога станува збор за Оливија, се земало предвид и учеството во различни проекти, како учество во спотови на пејачката, а глумела и во високобуџетни реклами и има своја линија на облека.
Инаку, Тејлор ја именуваше Оливија по ликот на Мариска Харгитај од серијата „Закон и ред: Единица за посебни жртви“, а на нејзината турнеја во 2015 година, таа пушти видео во кое се прикажани Оливија и нејзината постара сестра Мередит.
Кој е на прво место?
Богатството на Оливија го надмина само германскиот овчар Гунтер Шести, чија вредност се проценува на 500 милиони долари. На второ место се најде мачката Нала, ѕвезда на Инстаграм чија вредност се проценува на 100 милиони долари.
На списокот се најдоа и кучињата на водителката Опра Винфри, мачката Шупет на покојниот дизајнер Карл Лагерфелд и кученцето Понтиак, миленикот на покојната актерка Бети Вајт.
ФОТО: Инстаграм/ЕПА