Фудбалерот на Интер, Ромелу Лукаку, изјави денеска оти згрешил кога минатото лето го напушти клубот од Милано и прејде во премиерлигашот Челси.
Лондонскиот клуб пред една година плати 113 милиони евра за белгискиот голгетер, кој ова лето се врати во Интер како позајмен фудбалер.
– Оваа сезона ќе биде мојот најголем предизвик во кариерата. Лани заминав, тоа беше грешка, зарем не Нико? – рече Лукаку обраќајќи му се на соиграчот Николо Барела на презентацијата на новиот дрес на Интер.
Белгискиот репрезентативец додаде дека сега е среќен што повторно е на „Џузепе Меаца“ и оти додека настапувал во Англија сфатил колку голем клуб е Интер.