Поранешниот претседател на САД, Барак Обама, призна дека демократскиот претседател Џо Бајден имал „лош“ настап во дебатата против републиканецот Доналд Трамп.
„Лоши дебатни ноќи се случуваат. Верувајте ми, знам“, напиша Обама на платформата X.
Тој истакна дека овие избори и понатаму се избор помеѓу некој кој цел живот се борел за обичните луѓе и некој кој се грижи само за себе.
„Таа вечер тоа не го промени“, нагласи Обама.
Првата дебата помеѓу претседателските кандидати на претстојните избори во САД помеѓу Бајден и Трамп се одржа пред две ноќи во студиото на Си-Ен-Ен. Севкупното мислење на американската, но и на светската јавност е дека Трамп изгледал доста подобро и поуверливо.