Лорд Маунтбатен по 43 години од неговата смрт е обвинет за злоупотреба на 11-годишно момче во дом за деца.
Артур Смит тврди дека во 1977 година, кога имал 11 години, Маунтбатен двапати го злоставувал во озлогласениот детски дом Кинкора во Северна Ирска.
Лорд Маунтбатен, вујко на принцот Филип и братучед на кралот Џорџ Шести, татко на кралицата Елизабета Втора, бил убиен две години подоцна кога ИРА поставила бомба на неговата јахта.
Државната истрага пред пет години открила дека во Кинкора биле злоставувани најмалку 39 момчиња. Смит, кој сега има 56 години, тврди дека прво бил сексуално злоставуван од работникот во домот Вилијам Мекграт, познат како „Ѕверот од Кинкора“.
Тој наведува дека тогаш, во август 1977 година, Мекграт го запознал со елегантен непознат човек кој двапати го злоставувал.
– Мекграт ми кажа дека ќе се сретнам со посебен пријател. Потоа ме одведе во соба, голема канцеларија со огромно биро. Не го кажа името на човекот. Прво ме натера да се истуширам – рекол Смит, пишува „Дејли мејл“.
Жртвата Смит рекол дека сфатил кој е неговиот злоставувач дури во 1979 година, откако неговите фотографии била објавени во весниците поради нападот на ИРА.
– Не можеш да заборавиш кој те малтретирал. Верувај ми. Се обидуваш да го заборавиш, но не можеш. Не сум зборувал за тоа со години. Бев засрамен од тоа што се случи, но сега сакам мир – рекол Смит.
Портпаролот на Бакингемската палата пред два дена одби да го коментира случајот.