Министерството за правда соопшти дека Комисијата за надзор на функционалноста на АКМИС во судовите извршила надзор во четири основни судови во државата: Берово, Крушево, Кратово и Куманово, и притоа ги констатирала следните пропусти:
– Нецелосно почитување на законските одредби за исклучување и вклучување како и изземање на судии од АКМИС,
– Недоволен број судии во помалите судови со основна надлежност,
– Недоволен број информатичари во судовите,
– Неконтинуирано архивирање на предмети и немање соодветен архивски простор, се чуваат во подруми,
– Нераспишување на огласи за вработување и унапредувања и покрај добиената согласност од страна на поранешни претседатели,
– Тонското снимање главно не функционира.
„Ова се само дел од забелешките на Комисијата за извршениот надзор во првите шест месеци од годинава. Министерството за правда и во наредниот период ќе остане да биде транспарентно и ќе ги објавува на својата веб страница сите записници од извршените надзор во судовите – се вели во соопштението на Министерството за правда.
Ова соопштение на Министерството уследи откако Судскиот совет реагираше на изјавата на министерот за правда Кренар Лога, во врска со кандидатката за претседател на Основниот суд во Куманово, Снежана Манева, дека „судија што не положил психолошки тест за личност и тест за интегритет, не може веднаш повторно да полага“.
„Судскиот совет ниту дал одобрение да се спроведе повторен тест, ниту, пак, има официјална информација дали кандидатката повторно полагала, бидејќи тоа не е нејзина надлежност, дополнуваат оттаму, потенцирајќи дека во оној момент кога ќе добијат известување од надлежната институција што ги спроведува тестовите, ќе може да знаат кој од кандидатите ги исполнил сите законски услови за избор на претседател на суд или судија“, се вели во реакцијата на Советот.