Ливерпул го освои англискиот Лига куп победувајќи го вечерва на „Вембли“ во Лондон тимот на Челзи на пенали со 11:10.
Основните 90 и дополнителните 30 минути завршија без голови, 0:0. Три гола на оваа средба не беа признати поради офсајд. Во вториот дел беше поништен гол на дефанзивецот на „црвените“, Џоел Матип, а головите на напаѓачот на „сините“ Ромелу Лукаку и играчот од средниот ред Каи Хаверц беа поништени во судиското продолжение.
Кепа Аризабалага го замени голманот Едуард Менди во пенал рулетот за Челзи. Токму тој не успеа да го реализира 11-от пенал за Челзи.
За Ливерпул ова е деветти англиски Лига куп, што е апсолутен рекорд.