Либанското шиитско движење „Хезболах“ ќе соработува со либанската влада во распоредувањето на војската во јужните региони на Либан кои се блиску до границата со Израел, изјави денеска пратеник на шиитското движење, цитиран од француските медиуми.
Хезболах уверува дека нема „видливо оружје“ или „бази“ во овие области.
Пратеникот Хасан Фадлала изјави дека Хезболах целосно соработува со државата за распоредување на засилувања на либанската армија во јужен Либан. Хезболах ќе го напушти јужниот дел на Либан, а неговата воена инфраструктура ќе биде демонтирана.
– Нема да има никаков проблем – истакна Фадлала, нагласувајќи дека Отпорот нема бази и видливо оружје во регионот бидејќи „овој Отпор не е редовна армија“.
Во текот на денот либанската армија соопшти дека го зголемува своето присуство во јужен Либан.
Израелската армија, пак, воведе полициски час за жителите на јужен Либан во областа јужно од реката Литани каде што се уште се присутни израелските сили, според денешната изјава на портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ).
Портпаролот ги предупреди жителите да не одат во областа јужно од реката Литани меѓу 17 и 7 часот по локално време.
Примирјето меѓу Израел и либанската милитантна група Хезболах стапи на сила утрово во 4 часот по локално време, со што завршија речиси 14-месечните борби што започнаа откако палестинската милитантна група Хамас го нападна јужниот дел на Израел во октомври минатата година.
Како што примирјето влезе во фаза на спроведување, портпаролот на израелската војска, Авихај Адре, ги предупреди либанските цивили да не се враќаат во нивните села во јужен Либан и ги повика да ги избегнуваат областите претходно евакуирани од израелската армија.
Договорот за прекин на огнот, кој израелскиот кабинет за национална безбедност го одобри синоќа со 10 гласови против, предвидува 60-дневен преоден период во кој израелските одбранбени сили (ИДФ) ќе ги повлечат трупите од јужен Либан, додека либанската армија ќе распореди околу 5.000 војници јужно од реката Литани, вклучително и 33 пункта долж границата со Израел, објави „Тајмс оф Израел“.