Правниот тим на политичката партија Левица поднесе Иницијатива за вршење вонреден инспекциски надзор до Министерството за култура, против Општина Липково, а со цел утврдување на законитоста на постапката околу подигнувањето на контроверзниот споменик во селото Слупчане.
– Сметаме дека подигнатиот меморијален споменик, во чест на борците на УЧК/ОНА, со намера трајно зачувување на спомените на овие личности, не ги исполнува клучните формално-правни и материјално-правни претпоставки кои, мора да бидат исполнети за еден споменик да се смета за меморијален и истиот како таков да може да биде подигнат. Согласно добиените информации, сметаме дека, комплетната постапка околу подигањето на предметниот контроверзен споменик во селото Слупчане е незаконска и не ги исполнува следниве претпоставки: не содржи иницијатива од овластен предлагач,
Собранието на РМ не донело програма за таа намена, не е донесена собраниска одлука во таа насока и Собранието на РМ нема именувано Одбор кој подоцна треба да го спороведе конкурсот за изработка на идеен проект за подигање меморијален споменик – наведуваат од Левица.
Оттаму нагласуваат дека настаните и личностите што се одбележуваат со меморијален споменик треба да се од исклучително значење за развојот на државноста на Република Македонија и за нејзиниот државно-правен континуитет и да се вградени во историскиот развој на државата.
– Спорниот споменик се однесува на одбележување на личности кои се со Закон за амнестија (2002 година) амнестирани криминалци и терористи. Поради тоа бараме, Министерството да ги преземе сите законски дејствија и по утврдената фактичка состојба, да донесе соодветни управни акти со што би санкционирале и спречиле понатамошни непочитувања и постапувања спротивни на Законот за меморијални споменици и спомен обележја – додаваат од Левица.