Едно лице загина, а повеќе се повредени на лет на Сингапур ерлајнс по големи турбуленции додека летале од Лондон кон Сингапур пред да биде пренасочен кон Бангкок, соопшти компанијата.
„Можеме да потврдиме дека има повредени и една жртва во Боингот 777-300ER. Во авионот имало вкупно 211 патници и 18 членови на екипажот“, објави авиокомпанијата на Фејсбук.
Авионот „боинг 777-300ЕР“, кој летал кон Сингапур, бил пренасочен кон Бангкок и слетал во 15.45 часот по локално време.
На социјалните мрежи се појавија првите фотографии од авионот на летот Лондон-Сингапур. Според медиумите, околу 30 лица се повредени при турбуленциите во Боингот на Сингапур ерлајнс.
Инцидентот се случил синоќа по полетувањето од Лондон, кога во еден момент почнале турбуленции додека авионот летал над областите каде беснеат тропски бури.
„Сингапур ерлајнс изразува најдлабоко сочувство до семејството на починатиот“, се вели во соопштението на компанијата.
Авиокомпанијата додаде дека работи со тајландските власти за да им пружи медицинска помош на патниците и дека испраќа тим во Бангкок за да обезбеди дополнителна потребна помош.
Тајландските власти испратија амбулантни возила и екипи за итни случаи на аеродромот Суварнабхуми.
Турбуленцијата е честа при летање, но тешките инциденти како овој се ретки, а благото тресење при лет обично не предизвикува грижи. Понекогаш може да се предвиди, и познато е дека пилотите преку радио си даваат прецизни предупредувања, но може да дојде и ненадејно. Иако се работи за климатска појава, турбуленцијата може да се случи секаде и во сите временски услови.