Сѐ додека членови на Советот на јавни обвинители на кандидатите кои аплицираат за повисоки позици отворено им кажуваат дека дека некој треба да се јави за нив за кандидатот да биде избран, јасно е дека Советот е извор на тргување со влијание во Обвинителството, рече обвинителката Ленче Ристоска на конференцијата посветена за улогата на судскиот и обвинителскиот совет во стекнување на независност и интегритет во судството организирана од Националната конвенција за Европска Унија во земјава.
– И затоа сметам дека треба да се реформира. Подоцна ваквиот избор што го прави Советот на јавни обвинители креира и клиентелистички однос на јавните обвинители кон тие што лобираат за нивниот избор и сето ова неминовно води кон систем којшто не може да одговори во борбата против корупцијата и високиот криминал – изјави Ристоска, пренесе Телма.
Според неа, треба да се разгледа опцијата Советот да биде ад-хок тело кое ќе се состанува по потреба бидејќи од неговото формирање во 2008 година досега потфрлил во исполнувањето на примарната функција, професионализација на Јавното обвинителство и изолирање на политички и други влијанија при избори и разрешување на обвинителите.