„Стево Пендаровски е манипулатор. Свесно во изборна кампања манипулираше со граѓаните и кажуваше работи, за кои откако дојде на функција се покажа дека не ги мислел“. Ова на денешната прес-конференција го изјави пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
– Стево Пендаровски велеше дека нема обичај да објаснува, туку да го слуша народот, од кој сака да слушне што треба да направи. Ова е Стево Пендаровски пред да стане претседател, ако некој заборавил, а каков е Пендаровски сега сите знаат. Пендаровски не го слушна народот и потпиша стотици штетни закони кои ѝ овозможија на власта да прави криминал. Стево Пендаровски не го слушна народот и со ништо не се потруди да ја подобри состојбата во судството, иако според Устав има надлежност да именува двајца претставници на судскиот совет и двајца уставни судии. Неговите предлози се претопија со тие на СДС и ДУИ. И Стево Пендаровски е директно виновен за 2% доверба во судството. Стево Пендаровски не излезе и не го слушна народот кога требаше да се расчисти секс-скандалот во АРМ. Стево Пендаровски не го слушна народот кога власта крадеше милиони од РЕК и Онкологија, не излезе и не ја осуди власта. Стево Пендаровски многу пати можеше да го слушне народот, но тој одлучи да ги слуша врхушките на СДС и ДУИ. Со право народот вели дека немаме држава, време е да ја вратиме. Да го испратиме Пендаровски во политичка пензија – порача Лефков.