Три години по почетокот на нејзината кариера, Леди Гага го објави контроверзниот и провокативен сингл наречен „Judas“ (Јуда), ден пред католичкиот Велигден, со што налути бројни христијани.
„Ова веќе го видовме, Гага ја имитира Мадона и ја провоцира Католичката црква и нејзините верници објавувајќи го ова видео на Велигден. Меѓутоа, кај неа тоа не е само обичен уметнички израз, таа мора да направи и контроверзен политички коментар, објавувајќи го тоа токму на Велигден“, изјави за Еј-би-си Бил Донхоу, тогашниот претседател на Римокатоличката црква во САД.
Во видеото објавено еден ден пред католичкиот Велигден во 2011 година, Гага ја имитираше Марија Магдалена. Како што тогаш изјавила, текстот за песната ѝ го кажал „Господ во сон“.
Лориан Гибсон, една од креативните режисери и продуценти на видеото, тогаш за Еј-би-си изјавила дека видеото немало намера да навреди никого.
– Тоа е едноставно нејзино уметничко изразување. Таа сакаше да го привлече вниманието на луѓето дека имаат многу за што треба да бидат благодарни. Разговаравме една вечер во текот на снимањето и Гага ми рече дека е религиозна и дека не сака никого да навреди – рекла тогаш Гибсон.
Гага навела дека видеото е метафора.
„Со ова видео немав намера да искажам никаков религиозен став. Јас го гледам повеќе како израз на порака наменета за општеството, како културолошка изјава. Во прашање е метафора, а не лекција од Библијата“, рече Гага тогаш, веднаш по излегувањето на видеото во јавноста.
Меѓутоа, некои верски здруженија во САД побараа песната да се избрише од Јутјуб, а беа организирани и неколку големи протести пред почетокот на нејзиниот концерт следната година.
ФОТО: Јутјуб