Сергеј Лавров изрази „надеж“ дека американскиот претседател Џо Бајден ќе се сети на кубанската ракетна криза од 1962 година кога се занимава со војната во Украина, пренесува Ројтерс.
Во интервју за руската државна телевизија, Лавров рече дека постојат „сличности“ меѓу војната во Украина и конфликтот во 1962 година, пред се затоа што Русија сега е под закана од западното оружје во Украина.
– Се надевам дека во денешната ситуација претседателот Џо Бајден ќе има повеќе можности да разбере на кого и како дава наредби – рече Лавров.
– Оваа ситуација е многу вознемирувачка – додаде тој.
Напнатиот конфликт од времето на Студената војна се разви кога американскиот претседател Џон Ф. Кенеди откри дека советскиот лидер Никита Хрушчов распоредил нуклеарни проектили во Куба, момент за кој се верува дека САД и СССР биле најблиску до нуклеарна војна.
– Разликата е во тоа што далечната 1962 Хрушчов и Кенеди најдоа сила да покажат одговорност и мудрост, а сега не гледаме таква подготвеност од страна на Вашингтон и неговите сателити – продолжи тој.
Лавров додаде дека „подготвеноста“ на Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин за преговори „останува непроменета“.