Изградбата на автопатот од Дупница до граничната точка „Гуешево“ со Македонија треба да започне што е можно поскоро, инсистираат локалните власти во Ќустендилско, објави БНТ.
Како што пренесува бугарската телевизија, општинските советници „стравуваат дека Македонија се обидува да ги пренасочи европските средства наменети за Коридорот 8 во друг паневропски транспортен коридор – преку Србија“.
Токму затоа, Советите на општините во целиот регион излегле со генерална Декларација со која бараат властите во Бугарија да посветат сериозно внимание за напредокот на оваа, како што нагласуваат, важна инфраструктурна локација, која освен патна мрежа, вклучува и железничка пруга. Декларацијата ќе биде испратена до претседателот, Националното собрание, Советот на министри и до други институции.
Бугарските власти ја обвинија новата власт дека приоритет ѝ е Коридорот 10 и поврзувањеето со Србија, а не Коридорот 8 кој води кон Бугарија и кон Турција.
Министрерот за транспорт Александар Николоски го демантираше тоа.
– Ако имаме автопатско поврзување кон Бугарија а тие немаат, тогаш која е поeнтата ние да градиме автопати. Истото е и со пругата. Мораме да имаме заеднички проект бидејќи пругата не води никаде. Тие јавно истакнаа дека немаат проект за пругата и дека до 2026 година ќе го направат проектот, а ќе им требаат уште најмалку четири години да ја изградат – рече Николоски.