Курти: Подготвени сме да подадеме рака, доколку Србија ја повлече тупаницата
Косовскиот премиер Аљбин Курти оцени дека мирот и безбедноста во Европа ги оспорува не само Србија, туку и Русија, која иако немаат заеднички граници, „имаат заеднички цели, бидејќи на земјите гледаат низ етнички објектив, бидејќи тие не веруваат во вредноста на демократијата“. Тој рече дека Косово е подготвено да и подаде рака на Србија и да создаде добрососедски односи, но „изрази сомневање дека Србија може да го стори истото“, пренесува koha.net.
Како што пренесува порталот koha.net, Курти во разговор во рамките на мировниот форум во Париз рекол дека Косово е подготвено да и подаде рака на Србија и да создаде добрососедски односи, но „изразил сомневање дека Србија може да го стори истото“.
Тој оцени дека и по 11 години односите со Србија не се ништо подобри од пред една деценија и дека за тоа „има причина“.
„Србија не успеа во својата демократизација и бара повеќе конфликт отколку соработка и продолжува да ги велича воените злосторници наместо да ги осудува и казнува. Се плашам дека Србија не е ниту демократска, ниту независна. Тоа е режим предводен од Православната црква и доминиран од Путиновата Русија“, рече Курти.
Според него, Косово бара добрососедски односи со Србија и „е подготвено да и подаде рака на земјата што изврши геноцид врз Косово, доколку се подготвени да ја спуштат тупаницата“.
„Она што не го нудиме се отстапки за поделба на нашата земја по етничка линија, но ако Србија не е подготвена да не признае, петте европски земји не треба да чекаат, тие можат да и помогнат на Србија побрзо да не признае“, рече Курти.