Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека Косово ги исполнило сите барања на Европската унија (ЕУ) за укинување на рестриктивните мерки што му беа наметнати и дека овие мерки треба да бидат отстранети.
„Мерките кои се на сила против Косово се спротивни на напорите на регионот за забрзана интеграција во ЕУ. Продолжуваме со нашите напори да отвориме повеќе можности во рамките на дијалогот за реформи во ЕУ. Во тој контекст, ги исполнивме сите барања на ЕУ за укинување на рестриктивните мерки и овие мерки мора да бидат отстранети“, рече Курти на состанокот на Министерскиот совет за европска интеграција на Косово.
Тој изрази уверување дека Косово е подготвено да добие статус на кандидат за членство во ЕУ и да отвори преговори и многу поглавја кон членство.
„Сметаме дека членството во ЕУ треба да се заснова на меритократија. Како најнапредна демократија во регионот, подготвени сме да одговориме на илјадници технички прашања кои доаѓаат од Европската комисија. Членството во ЕУ е стратешки избор, таму направивме избори, европската реформска агенда се третира многу сериозно од почетокот на мандатот“, рече Курти.
На состанокот на Министерскиот совет за евроинтеграции се разговараше за планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, како и за клучните реформи на Националната програма за европска интеграција од 2024 до 2028 година.