Косовскиот премиер Албин Курти пред почетокот на Самитот на Берлинскиот процес, кој се одржува денеска во Тирана, се сретна со претседателот на Комисијата за надворешни работи на германскиот Парламент, Михаел Рот.
На средбата се разговараше за актуелната состојба на Косово и за процесот на дијалог. Премиерот Курти изјави дека дијалогот со Србија не може да продолжи како ништо да не се случило.
„Следното поглавје од дијалогот за нормализација мора да ги земе предвид агресивните дејствија на Србија преку терористичкиот напад на 24 септември, за што има доволно докази и факти за вмешаноста на Србија“, рече Курти, соопшти Владата на Косово.
Премиерот изјави дека пристапот кон процесот на нормализација на односите мора да биде избалансиран, со почитување и целосно спроведување на Основниот договор од Брисел и неговиот анекс договорен во Скопје.
Србија да се откаже од јавното и фактичкото отфрлање на деловите од Основниот договор кои се однесуваат на де факто признавањето на Косово и нашиот територијален интегритет, рече Курти.
Се разговараше и за процесот на членство на Косово во меѓународните организации и билатералните односи меѓу Косово и Германија. Курти му се заблагодари на Рот за континуираната поддршка на Германија за Косово.