More

    Кумот Новачевски сведочеше дека купил плацеви на Водно и во Крушево за Груевски

    spot_img

    Ристо Новачевски, кум на екс премиерот Никола Груевски, обвинет во случајот „Плацеви на Водно“, денеска во суд одговараше на прашања на неговиот адвокат Сашо Дукоски. Тој се претстави како економист, кој работел во приватни компании и никогаш немал државна работа.

    Новачевски рече дека на барање на Груевски основал фирма преку која купил плацеви на Водно, но и земјиште во Крушево.

    – Никола Груевски го познавам уште од средношколски денови, учевме заедно и станавме блиски пријатели. Тоа пријателство продолжи, па му станав венчален кум од првиот брак. По назначувањето за премиер, нашите средби се намалија, поради неговите обврски. Кон средината на 2011 година ме повика во неговиот кабинет и ми рече дека сака да отвори градежна компанија во Македонија. А јас сум човек од доверба, па ме праша да бидам управител. Јас се согласив. Се работи за компанијата Сирах и инженеринг, која беше формирана како фирма ќерка на Сирах лимитед, офшор компанија – рече Новачевски.

    Тој појасни дека никогаш во животот претходно не се занимавал со градежништво.

    – Го известив и Груевски дека не можам да ги бркам тие градежни работи. Тој ми рече дека јас сум само управител, а другите работи ќе ги води Алек Теранова, односно Александар Ивановски, ми кажа дека во иднина треба да го контактирам – рече Новачевски.

    Тој рече дека Груевски сакал да купи плац на Водно.

    – Ми кажа дека е заинтересиран, дека сака да земе некое земјиште на Водно, кое што го нашол Алек и е на приватни сопственици. Го побарав Алек и се договоривме да се видиме. Ми ги побара моите генералии. Се видовме за некој ден. Ја донесе документацијата, а јас лична карта. Ги потпишав документите и чекав повик да одиме на нотар. Отидовме и на нотар и кај адвокат за да завршиме. Ми се јави и ми кажа дека фирмата ќе има сметка во Стопанска банка Битола. Му кажавме на Груевски за формирањето на фирмата. Ме информира дека ќе стигна прилив на сметката кои ќе послужат за купување на земјиште. Ми се јавија од банката дека има прилив и дека треба да одам да потпишам. Потпишав, тоа беше прилив од околу 300-400.000 евра, како основачки влог за „Сирах инженеринг“. Алек ме информираше дека треба да стигнат околу милион и нешто евра, па очекував уште прилив. Уште во два наврата стигнаа пари, со слични суми – рече Новачевски.

    Тој додаде дека ниту преговарал за цена, ниту ги знаел луѓето, ниту пак знае каде се наоѓа земјиштето.

    – Еден период имаше затишје, сѐ до  2013 година кога пристигна опомена за неплатен данок за имот од Град Скопје. Го известив Груевски, а тој ми рече дека ќе стигнат пари за да платам. Стигнаа парите и го платив данокот – истакна обвинетиот Новачевски, кој потоа побарал од Груевски да го тргне од управител на фирмата.

    – Го продадов станот каде што беше регистрирана фирмата, но не го променив седиштето. Тогаш ми се јавуваше новиот сопственик на станот, дека доаѓаат новинари и прашуваат за некаква фирма, за плацеви на Груевски. Тој не знаеше ништо. Тогаш го информирав Груевски дека почнаа да се интересираат новинари и дека ми претставува голем товар, бидејќи си имав сопствени бизнис активности и побарав да ме тргне од управител на фирмата. Рече ќе го среди тоа. Пролетта 2015 година имаше прес СДСМ, за некое земјиште на Водно на Груевски. Се споменуваше и моето име. Повторно му реков на Груевски да бидам сменет. Ми рече ќе го реши тоа во најскоро време – раскажа Новачевски.

    Тој рече дека по извесно време Груевски му рекол дека земјиштето ќе биде продадено на Орце Камчев.

    – Орце ме побара по извесно време. Ми кажа дека тој ќе го купи земјиштето, односно дека ќе ја земе цела фирма. Потоа летото 2015 година ги потпишав документите за пренос на уделот – рече кумот на Груевски.

    На прашање на обвинетиот Камечев, дали во 2012 имале потпишано договор за посредништво, Новачевски, одговори негативно, нагласувајќи дека „со печатите на фирмата каде бил управител, управувал некој друг“.

    Новачевски сведочеше и дека Груевски сакал да купи земјиште во Крушево, во близина на крстот на Тоше.

    – Тоа беа државни земјишта, се продаваа по едно евро за квадрат. Груевски сакаше тогаш да земе плац за викендица, а која би ја градел по завршување на неговиот мандат. Бараше да го купам на мое име и тоа и го сторив. Беше на јавно наддавање, за некои 40.000 денари – рече тој и додаде дека за тоа немал никаква лична корист, освен некои трошоци за водење на фирмата Сирах инженеринг“.

    На денешното рочиште обвинителката Лиле Стефанова предложи нови докази, поради што обвинетиот Сашо Мијалков побара време да биде запознаен со нив и наведе дека го задржува правото да даде одбрана до крај на постапката.

    Според обвинението за случајот „Плацови на Водно“, Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img