Кумановската полиција привела 20-годишен жител на Липково поради непочитување на наредби, изрекла 20 мерки според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и една според Законот за возачка дозвола, во текот на вчерашната прослава на Денот на албанското знаме во Куманово, соопшти денеска СВР Куманово.
Локалниот медиум „Кумановски муабети“ јави дека за време на дивеењето при прославата по кумановските улици биле оштетени шест возила во центарот на градот. Притоа, полициски службеници го привеле Б.Џ.(20) од село Липково поради непочитување на наредба. Од полицијата информираат дека по целосното документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.
Медиумот јави дека синоќа во Куманово се одржа прослава на плоштадот, поддржана од Општината, но потоа групи од луѓе го попречувале сообраќајот, дивееле по улиците, скандирале „УЧК“ и пееле националистички песни.
Вчерашните инциденти остро ги осуди градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, кој ги повика институциите итно да реагираат.
„Јавно ги осудувам ваквите настани и барам од институциите на прогонот да истите вакви поединци и групи ги открие и изведе пред лицето на правдата и истите да бидат санкционирани според закон. Истото го очекувам и за мои колеги градоначалници на кои оваа не им е прв пат да го кршат законот без да поднесат одговорност. Да газиш и кинеш, уништуваш знаме на држава која те израснала, образовала платила и плаќа, вложува во тебе, е злосторство против истата и треба да одговараш,“ порача Димитриевски.