Државата дава по 200 милиони ера годишно за субвенционирање на земјоделското производство, но истовремено растат и необработени земјоделски површини и се зголемува увозот.
Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во 2021 година, се регистрирани 516.733 хектари обработлива површина, која во споредба со 2020 година е намалена за 0,1% кога се регистрирани 517.039 хектари обработлива површина. Но и во 2020 година е регистрирано намалување на земјоделските површини од 0,5% во споредба со 2019 година.
Во истиот период, регистрирано е зголемување на производството на пиперки и краставици за 8,8% и 7,8%, а кај другите избрани посеви и овошје е регистрирано намалување.
Во земјава се увезува дури 70% од потребите за храна, иако можеме да ја произведеме.
Главна причина за ваквата состојба, според експерти и земјоделци, е тоа што растат трошоците во производството, а откупната цена е ниска, па земјоделците наместо да инвестираат во поквалитетно и зголемено производство, ги напуштаат нивите. Големо влијание на состојбата има и недостигот од работна рака поради што и одделни култури исчезнуваат од нивите, како и климатските промени.
– Субвенциите се добра мерка, но не можат да ги покријат загубите кои ги има земјоделецот поради ниската откупна цена и високите трошоци за репроматеријали. За трошок од 1.000 евра и при ниска откупна цена, државата го помага земјоделецот со 300 евра. Велите, земјоделците не инвестираат во поквалитетно производство. Па и да сакаат, не можат бидејќи нема пари за тоа. За тоа се потребни ѓубрива, подобра обработка на почвата, а тоа се треба да се плати. Згора на сè нема кој да работи на нивите. Работната рака и во земјоделството станува скапа и ја нема – велат од земјоделските здруженија.
Како резултат на недостигот на работна рака, додаваат тие, дел од културите за кои треба повеќе работници, полека да ги снемува на нивите.
– Во иднина поради недостигот на работници во земјоделството во струмичко се помалку ќе се сади домат и краставица, а повеќе ќе биде застапена зелката и индустриската пиперка бидејќи за нив треба помалку работа и работници. Но, како што стареат земјоделците така и ќе остануваат нивите необработени – велат од овие здруженија.
Тие забележуваат дека се помал е бројот на луѓе кои сакаат да се занимаваат со земјоделство поради малите или речиси никакви приходи.
И економисти сметат дека покрај субвенциите, за земјоделците е битно да добиваат реални откупни цени, поради што, ќе има поголем интерес за производство, но, според нив треба и да се зголеми инвестирањето на државата во хидромелиоративни системи и образование на земјоделците како да произведуваат поквалитетно и подобро, за да ја подобрат конкурентноста.
– Промена на системот на субвенционирање во кое квалитетот ќе има поголема улога, како што е најавено ќе даде подобри резултати. Но, државата мора да инвестира повеќе во овој сектор. Поради подобар квалитет на земјоделците им се потребни и подобри услови, а државата ќе мора да гради повеќе за наводнување. Дополнително треба да изнајде нови пазари во услови кога досегашните поради војната во Украина се загубени. Сето тоа ќе придонесе земјоделецот да има поголем интерес за произведува поквалитетно со што ќе биде и поконкурентен. Од друга страна и земјоделците треба да имаат посилни здруженија кои ќе овозможат подобра комуникација со производните капацитети и да се изборат за откупни цени кои им се исплатливи. На овој начин ќе се добијат и поконкурентни цени во однос на увезениот зеленчук, но и во однос на извозот – вели економистот Маријанчо Николов.
Според него државата во иднина ќе треба да планира одредено производство во земјоделството.
– На тој начин и земјоделците ќе можат да планираат колку ќе треба да произведат и каков квалитет да понудат за да можат да добијат и помош од владата и висока откупна цена и колкава количина од производот ќе можат да извезат. Дополнително потребно е да заживее процесот на договарање на земјоделците и преработувачките компании што исто така ќе придонесе за производство на потребните количини и нивен пласман. Сè со цел да не остане непродаден производ или некој да користи на трудот на земјоделецот – додава тој.
Тој додава дека околу 60 отсто од земјоделските стопанства се мали, под еден хектар, и тоа е причина поради која не може да се преговара за откупна цена која ќе биде соодветна на трошоците во земјоделството и приходот кој треба да го има земјоделецот.
– Најголем дел од финансирањето оди за поддршка на приходите, а само мал дел се инвестира и покрај тоа што државата им овозможува на земјоделците да користат најразлични поволности преку ИПАРД прогамите. Тука удел има процесот на окрупнување кој тешко се релизира – додава Николов.
Владата најави нов начин на распределба на субвенциите во земјоделството, кој треба да даде подобри ефекти од досегашните, но засега не се знае кога ќе почне да се применува.