„Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет“.
Вака изјави украинскиот шеф на дипломатијата Дмитро Кулеба на средба со македонскиот колега Бујар Османи. Тој го истакна фактот дека Македонија цврсто застана зад Украина во изминатите две години агресија и се заблагодари до граѓаните на Македонија.
Османи на средбата истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Македонија.
-Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија – рече Османи.
Тој потенцираше и дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Двајцата Министри имаа свои обраќања пред Генералното собрание на Обединетите нации каде упатија јасни пораки против руската агресија врз Украина.