Ученик истрела неколку куршуми кон вработен во основното училиште „Лукавац Град“ во градот Тузла во Босна и Херцеговина, дознава порталот Аваз. Полицијата вели дека инцидентот се случил нешто пред 9 часот, а дека за среќа нема повредени деца.
Полицијата веднаш го уапсила ученикот кој пукал, а кај него бил пронајден пиштол. Видео од приведувањето на ученикот објавија регионалните медиуми.
Вработениот, за кој се шпекулира дека е чувар во училиштето се бори за својот живот во болница.
– Пациентот со иницијали О.Н е хоспитализиран во УЗ Тузла поради прострелна рана во пределот на вратот. Пациентот е интубиран, а операцијата во моментов е во тек – изјавил Ашчериќ-Мујединовиќ, портпаролот на Универзитетскиот клинички центар за порталот.
Според Аваз, се работи за поранешен ученик кој бил префрлен од училиштето поради лошо однесување.
Тој утрово влегол во училиштето и го барал вработениот.
По пукањето се огласи и градоначалникот на Тузла, Един Делиќ.
– Во училиштето во ОУ Лукавац има пукање. Има повредени луѓе. Меѓу нив нема деца и затоа ги молам родителите да ја спречат паниката. Насилникот е малолетно дете и веднаш е уапсен – изјавил Делиќ.