Русија и Северна Кореја не се заинтересирани за изјави од САД, изјави во вторникот за руските новински агенции портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи ги предупредувањата на Вашингтон за севернокорејската продажба на оружје на Русија.
„Како што знаете, во односите со нашите соседи, вклучително и со Северна Кореја, ни се важни интересите на нашите две земји, а не предупредувањата од Вашингтон“, рече Песков, а пренесуваат руските агенции.
„Ќе се фокусираме на интересите на нашите две земји“, додаде тој.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун пристигна во Русија каде ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.
Како што јави севернокорејската државна агенција КЦНА, тој во неделата го напушти Пјонгјанг придружуван од највисоките претставници на воената индустрија, дипломати и воени команданти.
Американските власти, кои разговараа за можноста за таква посета, рекоа дека преговорите за оружје Русија-Северна Кореја активно напредуваат и дека Ким и Путин најверојатно ќе разговараат за продажба на оружје на Русија за војната во Украина.
По завршувањето на Источниот економски форум во Владивосток треба да се одржи средба меѓу Путин и Ким Џонг Ун, но не е потврдено каде и дали Ким ќе присуствува на форумот.
Како што пренесуваат руските агенции, Песков најавил дека Путин и Ким ќе разговараат за билатералните односи и за ситуацијата во регионот и светот, како и дека Русија, доколку е потребно, „со севернокорејските другари“ е подготвена да разговара за санкциите наметнати на Северна Кореја.
Рускиот министер за надворешни работи Андреј Руденко, како што јави агенцијата Интерфакс, изјавил дека Москва ќе и достави на Јужна Кореја детали за посетата на севернокорејскиот лидер на Русија, доколку Сеул побара такви информации.
„Во Москва има амбасада на Јужна Кореја, ако сакаат, можеме да им дадеме достапни информации“, рече Руденко.
Тој додаде дека Москва ќе ги продолжи контактите со Јужна Кореја, бидејќи таа земја е трговски партнер на Русија и дека е во нивен „заеднички интерес да се стабилизира ситуацијата во североисточна Азија и на Корејскиот полуостров“.