Претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски, во интервју за Националната телевизија (НТВ) вели дека кавгите во ВМРО-ДПМНЕ во Скопје се за тендери и ги повика да им се извинат на граѓаните и да ги исполнат сите преземени обврски.
– Обврската што ја зеле пред граѓаните да ја исполнат или да искочат и да се извинат на граѓаните за сѐ она што ги излажаа на локалните избори во 2021 година. И градоначалничката и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и сите кои што беа вклучени во кампањата. Затоа што тие кампањи беа јавни и сѐ е снимено – рече Ковачевски.
Тие не се занимаваат со проблемите на граѓаните, тие се занимавале со тендери, додава Ковачевски.
– Погледнете што се случува во градот Скопје. Градоначалничката на градот Скопје беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Бидејќи таа ако не беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ немаше теоретски шанси да победи за градоначалник. На сите митинзи беше промовирана од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Цел штаб на ВМРО-ДПМНЕ работеше за неа, каде што трубачи ја чекаа во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Тие всушност што правеле 11 месеци, договарале тендери за кои што самите зборуваат. Не зборуваме ние од СДСМ што правеле, тие самите зборуваа по прес конференции. И на крајот што се случи не можеле да се договорат за провизиите, излегоа на ТВ и сега се караат – рече Ковачевски.
Нему му станало јасно зошто градот Скопје ја одбил обврската и управувањето со парното за скопјани, па морало да ја преземе Владата.
– Парното во Скопје е обврска на градот Скопје. Меѓутоа, сите бевме сведоци кога градоначалничката на градот Скопје и нејзината политичка партија која што ја поддржа, ВМРО-ДПМНЕ, со резигнација одбија да управуваат со нешто што е комунална услуга. Државата мораше да преземе бидејќи е одговорна и бидејќи мора да мисли на сите, да го преземе управувањето. Мене сега ми станува јасно зашто тие тоа го одбиле. Затоа што тие не се занимаваат со проблемите на граѓаните. Тие се занимавале со тендери – рече Ковачевски.
Тој нагласи дека поради ваквото однесување стопирани се проекти важни за Скопје и за скопјани и побара сите преземени обврски да се завршат, во интерес на граѓаните.
– Постојат проекти во Скопје кои се стопирани. За кои има меѓународни кредитори, за кои што државата ќе плаќа пенали. Каде е брзиот автобуски транспорт во Скопје? Проектот не се реализира. Каде е пречистителната станица за која што се расправаат кој колку провизија планирал да земе? И тоа не се реализира. Каде се автобусите кои што ги преговарал претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, зашто нели кажа дека преговарал за автобуси? Па и за фабрика за автобуси. Сега нема ни автобуси, ниту фабрика за автобуси. А ниту имаме проект за бас рапид транспорт. Каде е Универзалната сала? Тоа е проект направен со обезбедено финансирање. Каде е клучката во Момин Поток? Стои недоправена. Зашто? Затоа што тие се занимавале само со тендерите и кој ќе ги земе провизиите – рече Ковачевски.