Одговорно тврдам дека за целиот период додека сум директор на АД ЕСМ, нема ниту една јавна набавка на којшто била повикана само една фирма и никогаш не се случила набавка во четири, изјави генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, во емисијата 360 степени на ТВ Алсат.
– Тврдам пред целата македонска јавност, секогаш кога се спроведувала постапка, без претходно објавување оглас (една од постапките согласно Законот за јавни набавки), без исклучок биле повикувани најмалку три фирми, понекогаш и многу повеќе, пред сè заради конкурентност, и секогаш постапката била транспарентна и секогаш се избирал понудувачот што имал најниска цена. Меѓутоа, кога некој секојдневно ве обвинува за склучување договори во четири очи и го вперува прстот кон вас, цело време додека трае кризата, не е прифатлива таа негова лична перцепција. Сакам само да потсетам дека тој е истиот човек којшто пред неколку години бил директор на ЕСМ (тогашно ЕЛЕМ) и истиот тој човек седел на моето столче. Чувствувам обврска и одговорност да укажам на тоа дека во неговиот мандат, додека бил директор, имало дури 44 постапки без објавување оглас односно таканаречени постапки со преговарање и тогаш се склучувале договори за испорака на јаглен, за ископ на јаловина, договори за користење помошна механизација и тоа во вредност од двесте, триста па и четиристотини милиони денари. Но, дали тогаш станувало збор за договори во четири очи или обвинувањата се однесуваат само на овој период сега, тоа треба да одговорат истражните органи – изјави директорот Ковачевски.
Тој вели дека иако, во согласност со Законот, АД ЕСМ не треба да објавува јавен оглас во медиуми, не треба да испраќа покани до снабдувачи и слично, затоа што набавката на енергенсите во секторските услуги се врши по принципот – склучување договор, АД ЕСМ не ја користи таа можност.
– Истакнувам дека имаме право и можност да избереме која било фирма, само да ја повикаме и да склучиме договор за испорака на јаглен, мазут и слично. Но, пред сè заради транспарентност, конкурентност, економски придобивки наша одлука е тие можности да не ги користиме. Туку користиме една и единствена можност – објавување јавен оглас и пуштање покани до фирми комитенти што ја работат дејноста – на пример при набавката на мазут АД ЕСМ испраќа покани до сите комитенти што поседуваат лиценца, истата процедура е и кога објавуваме оглас за продажба на електрична енергија – испраќаме покани до сите трговци што имаат лиценца – рече Ковачевски.