Ставањето на картата на „Голема Албанија“ во село Сопот е задоцнета најмалку 145 години, изјави премиерот Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање за музејот кој викендов беше отворен во кумановското село, а во кој беше поставена мапа на „Голема Албанија“.
Тој додава дека таа е ставена на приватен имот, не било побарано никаква дозвола од Општина Куманово и таквата карта ги отсликува односите на Балканот и ја има во секоја држава во регионот.
– Сметам дека она што ние го имаме како општество воопшто не ги прави релевантни таквите мапи. После 2001 година и по влегувањето во НАТО, ние имаме други релевантни мапи, а тоа се мапите на НАТО и наскоро мапата на Европа. Сè друго е задоцнето – изјави Ковачевски.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети викендов во Сопот отвори музеј во кој главен експонат е знаме со карта на „Голема Албанија“ со делови на Македонија, Србија и Грција. Истата карта е изгравирана и на мермерна плоча пред влезот на самиот објект.