Владата и Агенцијата за млади и спорт, континуирано вложуваат и создаваат услови за непречено спроведување на активностите на спортските федерации, клубовите и индивидуалните спортисти за што се креирани мерки како што е и „ваучер во спортот“ за што досега се искористени 574 милиони денари, средства од буџетот на државата. Ова го изјави Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски денеска при посетата на салата „Партизан“ во Карпош.
„На овој начин државата ги пренасочува дел од парите од данокот на добивка во македонскиот спорт. Компаниите всушност, дел од својата обврска за данок на добивка наместо да ја платат на државата, имаат можност да ја вложат во спортски клуб или спортисти кои имаат добиено ваучер од Агенцијата за млади и спорт. Преку оваа мерка спортските клубови, Националните спортски федерации и индивидуалните спортисти добиваат институционална поддршка и сигурен партнер во финансирањето на нивните програми што во крајна линија значи унапредување на спортот“, рече премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата истакна дека и во време на глобална економска и здравствена криза, со оваа мерка поддржани се 174 спортисти, 46 федерации и 664 спортски клубови, што значи дека 885 спортски субјекти и индивидуални спортисти ги почувствувале бенефитите од мерката ваучер систем. Интересот е многу голем, а мерката сé поприфатена и во изминативе три години со неа активно поддржуваме спортски клубови, федерации, но и индивидуални спортисти со цел остварување на успеси и добри резултати.
„За Владата на Република Северна Македонија спортот преставува средство за постигнување на подобар социјален и економски развој и игра важна улога во културната историја на нашата земја. Спортот ги зајакнува младите, жените, индивидуите и заедниците и придонесува кон градење на кохезивно, толерантно и одржливо општество. Нашите цели се однесуваат на градење физички активнo население, стимулирање и развој на спортска култура во нашата земја, креирање на политики на интегритет во спортските организации, афирмација на спортска дипломатија и врвниот спорт“, изјави премиерот Ковачевски.