Ковачевски: Република Северна Македонија денес ги започнува преговорите за членство во ЕУ, овој ден е историски, долгоочекуван и заслужен

Lorita
By Lorita 11 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
Со одржувањето на првата меѓувладина конференција денеска во Советот на Европска Унија во Брисел, на која учествуваше владина делегација предводена од претседателот на Владата Димитар Ковачевски, Република Северна Македонија ги отвори преговорите за полноправно членство во Европската Унија. На овој историски важен настан со кој започнува ново поглавје за државата на патот кон ЕУ на македонски јазик пред претставниците од 27 земји членки се обрати премиерот Ковачевски. На седницата говореа министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Липавски, како претседавач, високиот претставник на ЕУ Жозеф Борел и комесарот за проширување Оливер Вархеји.
Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
,,Во име на граѓаните и Владата на Република Северна Македонија, ми претставува исклучителна чест што ја имам можноста да се обратам, на мојот мајчин македонски јазик, на денешната долгоочекувана и сосема заслужена Mеѓувладина конференција со која ги отвораме преговорите за полноправно членство на Северна Македонија во Европската Унија.
Со оваа меѓувладина конференција, Северна Македонија ја започнува последната етапа од својот долг пат кон полноправно членство во Европската Унија.
Денешниот ден е историски за нас. Долгоочекуван. Заслужен.
После 17 години, го правиме клучниот чекор на патот кон остварување на нашиот децениски, генерациски сон за кој огромно мнозинство граѓани, десетици наши државни лидери, политички претставници, граѓанскиот сектор, академски и научни работници, стопанственици, новинари и медиумски работници и илјадници државни службеници, долги години посветено работеа.
Сите тие имаат свој удел во тоа што до сега сме го постигнале. Денешниот ден им го посветуваме на сите нив, се заблагодаруваме на поддршката и вложените напори и им оддаваме почит за сработеното.
За остварување на оваа стратешка цел, ние направивме многу. Донесовме мудри, храбри, државнички одлуки во интерес на иднината на нашите деца и државата. Јасната визија и план за иднината, залагањето за просперитет на државата и на сите граѓани за мене е најголемиот чин на патриотизам.
Патот до Брисел беше долг. Северна Македонија формално аплицираше за полноправно членство во 2004 година и се стекна со кандидатски статус во 2005 година.
Првата препорака за почеток на преговорите Европската комисија ја даде во 2009 година, а Советот на ЕУ ја потврди со едногласна одлука во март 2020 година.
Со оваа Меѓувладина конференција практично се операционализира одлуката на Советот на ЕУ од март 2020 година и се отвора процесот за прием на Северна Македонија и нејзините граѓани во големото европско семејство, во нашиот заеднички дом, Европската Унија, како наша повеќедецениска стратешка цел.
Проширувањето е несомнено помеѓу најуспешните политики на Унијата. Во денешниот контекст, обединета и силна Европа му е потребна на светот, а тоа нема да е можно без интеграцијата на земјите од Западниот Балкан. Руската агресија врз независноста, територијалниот интегритет и суверенитет на Украина јасно покажа дека ништо не е дадено еднаш за секогаш, и дека во заедништвото е нашата сила. Политиката на проширување и во моментов најдиректно придонесува за одржување на мирот и стабилноста на Западниот Балкан.
Почитувани,
Северна Македонија цивилизациски, географски и историски припаѓа во европското семејство. Ние сме Европа во мало, мултиетничка и мултиконфесионална функционална демократија и активно работиме за да изградиме општество во кое има место за сите. Ние практично и секојдневно го живееме мотото на Европската Унија, ние сме обединети во различностите, и длабоко се гордееме со истите.
Во духот на почитувањето на различностите, преку Охридскиот рамковен договор и последователните уставни измени, Северна Македонија создаде напреден модел кој обезбедува еднаквост во остварувањето на културните, јазичните и идентитетските права на заедниците.
Северна Македонија е земја која ги почитува и вреднува соседите. Ние немаме отворен територијален спор со ниту еден сосед, и тоа е веќе уредени со нашиот устав, и постојано и одлучно ги унапредуваме добрососедските односи и регионалната соработка.
Посветено работиме на надминување на предизвиците и унапредување на односите со соседите преку имплементација на Договорот од Преспа со Грција и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Остануваме искрено посветени на нивното ефикасно спроведување, во добра волја, и со придонес кон понатамошно градење на меѓусебното разбирање, доверба и почитување. Идентичен и конзистентен однос очекуваме и од нашите соседи и партнери.
Во овој контекст, мојата земја е целосно подготвена да ги спроведе сите преземени обврски од Преговарачката рамка вклучувајќи ги навремено сите свои човечки и институционални капацитети.
Драги колеги,
Северна Македонија е земја на пријателства и соживот. Со таа мисла и во тој дух сме и денес тука и гордо стоиме рамо до рамо со нашите партнери во ЕУ. Делиме исти вредности, а отсега ќе делиме и европска иднина.
Европска иднина со безусловно почитување на достоинството и посебноста на Македонскиот народ и неговите јазични, идентитетски, историски и културни особености. Драго ми е што за овие прашања како и за билатерални прашања кои не се директно поврзани со правото на ЕУ и со Копенхашките критериуми за членство, нема да се разговара во текот на преговорите како што недвосмислено го потврди Претседателката Фон дер Лајен во Собранието на Република Северна Македонија пред сите наши пратеници и целата наша јавност.
Горд сум што македонскиот јазик ќе биде јазик на кој ќе се води процесот на преговорите за пристапување, вклучувајќи го и самото склучување на Договорот за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ. Со нетрпение го чекаме денот кога со полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ, македонскиот јазик ќе е еден од службените јазици на ЕУ еднаков со сите останати 24 официјални јазици на Европската Унија.
Подготвени сме во целост да го преземеме законодавството на ЕУ во својот внатрешен правен поредок и да изградиме ефикасни административни и правосудни капацитети за негова целосна примена. Ние и во моментов имаме околу 45% усогласеност со законодавството на ЕУ. Пристапните преговори ќе бидат само дополнителен поттик да се продлабочи и забрза овој процес на усогласување како и процесот интеграцијата во Единствениот пазар на ЕУ.
Воедно, сите релевантни институции во Северна Македонија се целосно подготвени да придонесат за ефикасно и ефективно спроведување на процесот на скрининг и да продолжат со понатамошно усогласување на нашата правна рамка со стандардите на ЕУ.
Со години наназад Северна Македонија е докажан партнер од доверба за Унијата како од аспект на реформите, така и со соодветен придонес во справувањето со глобалните предизвици како мигрантските криза, пандемијата со КОВИД 19 но и Руската воена агресија врз Украина која најостро ја осудивме и во кој контекст целосно се усогласивме со безбедносната и одбранбената политика на ЕУ. Со мотивација да дадеме уште поголем придонес се кандидираме и ја добивме довербата да бидеме претседавачи со ОБСЕ во 2023 година.
Уште една потврда дека ние сме природно поврзани, е и фактот што ЕУ е наш главен трговски партнер. Нашата економија е нераскинливо структурно поврзана со таа на ЕУ, не само во поглед на трговската размена туку и поврзано со обемот на странски директни инвестиции и севкупните релации помеѓу деловните субјекти. Во оваа насока Фондовите на ЕУ беа и остануваат моторот за промени и реформи. Ние денес имаме видливи ефекти во повеќе области и на повеќе нивоа, кои ја факторизираат нашата географска положба како центар, како срце на Балканот.
За времетраењето на преговорите, Владата на Северна Македонија како и досега ќе се придржува кон начелата на транспарентност и инклузивност на сите општествени чинители. Преку продлабочен и унапреден дијалогот, соработката и партнерството со граѓанскиот сектор, Собранието, Претседателот на државата, опозицијата и другите чинители, овозможуваме нивно проактивно вклучување во креирањето на политики и носењето одлуки поврзани со пристапниот процес.
Почитувани,
Свесни сме дека времетраењето на преговорите ќе зависи првенствено од спроведувањето на неопходните реформи, како и од способноста на ЕУ да може да го поддржува и продлабочува својот сопствен развој, гарантирајќи го својот капацитет за интегрирање нови членови. Во оваа смисла, Северна Македонија преку интензивна и посветена работа, има за цел да биде потполно подготвена да ги преземе обврските од членството во ЕУ до крајот на 2030 година за да може да стане земја членка на ЕУ до почетокот на следниот буџетскиот период на ЕУ.
Единствениот мировен проект кој го има издржано тестот на времето е Европската Унија при што се овозможи историски најдолг период на мир на нашиот континент кој што дотогаш 2/3 од својата историја ги има поминато во крвави војни.
За да биде мирот целосен и траен и за да биде нашиот континент цел и обединет, треба да сме заедно и обединети. Затоа што само заедно сме посилни.
Нека ни е среќен почетокот на пристапните преговори, заедно ќе го изодиме овој пат, и сигурен сум не така далеку од сега, заедно ќе се радуваме и на полноправното членство на Република Северна Македонија во Европската Унија”, рече Ковачевски.
Share This Article