Ковачевски: Нашиот фокус е ставен на економскиот развој и на финансиската поддршка за семејствата

Lorita
By Lorita 11 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска се обрати на Форумот 100 дена Влада на кој низ форматот прашања и одговори, заедно со вицепремиерите и министрите, ги презентираа остварувањата во овој период од работата на извршната власт.

Премиерот Ковачевски пред поканетите претставници на дипломатскиот кор, на стопанските комори во земјата, пред претставниците на граѓанските и на медиумските организации, ги образложи постигнувањата зацртани во Програмата на Владата во првите 100 дена во однос на приоритетите кои беа соопштени на почетокот на мандатот и кои беа фокусирани на обезбедување сигурност и континуитет во создавањето услови за подобар живот и европска и просперитетна иднина за нашите граѓани.

Во продолжение на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Ковачевски на Форумот 100 дена Влада во целост:

„Почитувани,

Ви благодарам за присуството на денешниот Форум по повод 100 дена работа на оваа Влада, која имам чест но и голема одговорност да ја предводам во услови на најголема глобална криза која ја паметиме во поновата историја.

Деновиве читав коментари дека оваа Влада немала среќа бидејќи од прв ден се соочила со огромни предизвици, воена и економска криза како што не се памети. Точно е дека предизвиците, притисокот и очекувањата се големи, но среќа е што токму оваа Влада ја има одговорноста да се носи со сите овие предизвици. Среќа е затоа што одговорно тврдам, дека за 100 дена донесовме тешки, принципиелни и пред се државнички одлуки со кои ги штитиме граѓаните, нивниот стандард и нивните приходи.

И затоа пред да продолжам со излагањето, сакам да им се заблагодарам на сите мои колеги од Владата, сите советници и целиот тим кој неуморно работеше во овие 100 дена. Докажавме дека со добар менаџмент, одговорно управување со парите на граѓаните и чесна работа може да се надминат и најтешките предизвици.

Во моето кратко воведно излагање, ќе ставам фокус на клучните мерки кои Владата ги презеде за ублажување на последиците од енергетската криза, како и на приоритетите и мерките кои ги преземаме на среден и долг рок за економски развој на земјата.

Првиот приоритет се однесува на заштита на животниот стандард на оние кои се најранливи и задржување на ликвидноста на компаниите.

- Advertisement -
Ad image

Вториот се однесува на одржлив економски раст односно продолжување на програмите за раст на производството, на извозот како и на стопанската активност во земјата.

Третиот приоритет се фокусира на зголемување на бруто инвестициите и тоа и на инвестициите кои се доминантно од државниот буџет, меѓутоа и на приватните инвестиции како генератор на економскиот раст на државата на среден рок.

Со 26-те антикризни мерки, го спречивме ударот од големиот ценовен шок во услови на историски највисоки цени на храна и енергенси.

- Advertisement -
Ad image

Со намалување на ДДВ-то и акцизите имаме најниска цена на нафта и нафтени деривати во регионот. Со намалување на данокот на додадена вредност од пет проценти на нула проценти, и со ограничувањето на малопродажните и големопродажните маржи на основните прехранбени производи, успеавме да спречиме огромен раст на цените и да го заштитиме стандардот на граѓаните.

Го ублаживме големото поскапување на храната и енергенсите. Со антикризните мерки кои ги воведовме, граѓаните месечно заштедуваат по 300 денари за нафта, по 1.500 денари за храна и по 2.150 денари за сметката за струја. Ефектите од овие мерки значат заштеда од скоро 4000 денари месечно за секој граѓанин.

Карактеристика на оваа Влада е ефикасно, чесно и одговорно владеење и работа, а тоа се гледа и во стабилниот Буџет. И во услови на пандемија, а сега и во услови на најголемата енергетска криза нема застој во исплата на плати, пензии, приватниот сектор и најпогодените гранки се финансиски поддржани, а паралелно креиравме крупни долгорочни планови од кои бенефит ќе имаат сегашните и идните генерации.

Уште во првите 50 дена, оваа влада направи два историски чекори.

Низ економско-социјален дијалог ја покачивме и минималната плата на 18.000 денари и овозможивме рекордно покачување на пензиите, вклучувајќи и дополнителна финансиска поддршка за пензионерите. Со сите преземени активности, во 2022 година, на годишно ниво, заедно со директната финансиска помош, во просек пензионерите ќе имаат околу 12.000 денари плус во домашниот буџет.

Почитувани гости,

Оваа криза нé научи дека мора да се работи и инвестира стратешки.

Во овие услови на раст на цени на храна и енергенси, спроведуваме успешна енергетска транзиција и одржливо земјоделско производство.

Според Стратегијата за енергетската транзиција, ние веќе имаме јасна слика каде ќе се движи нашето производство на електрична енергија. Неодамна, ја пуштивме првата фотоволтаична централа на старите наоѓалишта на јаглен во Осломеј, 10 мегавати како државна инвестиција, помогната од ЕБОР.

Новата фотонапонска електрана „Осломеј“ ќе произведува чиста, домашна енергија и ќе придонесе кон заштита на животната средина. Со оваа електрана освен што ќе ги снабдиме потребите на околу 2.800 домаќинства со електрична енергија, правиме и ре-култивација и оплеменување на 15 хектари површина.

Ова е прв проект со кој се заменува производството на електрична енергија од загадувачка технологија во чиста технологија и како таков е пример и за идните проекти за енергетска транзиција во земјите на Западен Балкан.

Големи се очекувањата и од проектот ХЕЦ Чебрен кој се наоѓа во 2 фаза во која треба да се избере изведувач од 9-те понудувачи кои се квалификуваа во првата фаза.

Во однос на земјоделското производство, веќе е направен нов интервентен план кој вклучува инвестирање во пченката, пченицата, јачменот и сончогледот, потоа во полјоделството, сточарството и овоштарството како извозни гранки на нашето земјоделие. Во однос на субвенциите воведуваме неколку новини, а тоа е прво воведување за прв пат на авансни износи на субвенции и тоа ќе почнеме оваа година со овоштарството. Што значи дека субвенциите ќе бидат исплатени 30% пред да започне сезоната, тогаш кога најмногу им треба средства на земјоделците за да може да инвестираат, а 70% потоа според планот за исплата на субвенциите. Второ, ќе бидат зголемени субвенциите за засадување на пченица, пченка, сончоглед и тоа ќе бидат на историски највисоко ниво.

Ги мотивираме земјоделците да ги користат овие мерки, институциите им се на располагање да произведат повеќе домашна храна, за заеднички бенефит.

За стопанството од особена важност е реализацијата на капиталните инвестиции, која е одлична дури и во време на криза. Минатата година реализиравме 79% од капиталните инвестиции и со истото темпо продолжуваме и оваа година. Воведен е и КАПЕФ механизам кој придонесе за подобра реализација на капиталните инвестиции.

Дополнително одлучивме да формираме едно специјализирано владино тело – Единица за следење на инфраструктурни проекти. На едно место ќе бидат сите податоци за големите инфраструктурни проекти, со координација на сите проектни единици за навремено детектирање и справување на сите тековни и потенцијални предизвици со кои се соочуваме при искористување на буџетот за капитални инвестиции, како во централниот буџет, така и во буџетите на другите институции во чија надлежност е изградбата на големи инфраструктурни проекти.

Тоа ќе значи подобри и поквалитетни патишта, водоводи, железнички пруги, училишта, градинки, водоводи, канализации, прочистителни станици, брани, системи за наводнување и одводнување и многу други капитални објекти кои навремено ќе бидат планирани, буџетирани, проектирани и изведени.

Во изминативе 100 дена, координираноста на сите чинители овозможи стабилност на финансискиот систем. Денарот и покрај сета турбулентност е стабилен. Имаме поставени заштитни механизми во финансискиот систем, што овозможува негово непречено функционирање, а соодветното ниво на девизните резерви овозможува доволна девизна ликвидност на домашната економија.

Соработката со стопанството за нас е од голема важност Владата е партнер со деловната заедница и затоа во заедничка консултација се направи измена на царинскиот тарифник и се донесе одлука целосно да се укинат, или да се намалат на нивото на царинските стапки во ЕУ, стапките за 258 царински тарифни ознаки. Со ова се излезе во пресрет на барањата на компаниите за намалување на царинските стапки како и се врши усогласување на истите со стапките во ЕУ, што е од особено значење за унапредување на производството, извозот и конкурентноста на компаниите.

Дополнително, од пакетот антикризни мерки операционализацијата на бескаматните кредити од Развојна банка во вредност од 5 милиони евра за три поволни кредитни линии за поддршка и развој на приватниот сектор ќе обезбедат поддршка за стопанството и ликвидност на компаниите.

Тука, би сакал да го заклучам ова мое воведно излагање и да посочам дека оваа Влада останува посветена на клучните прашања од интерес на нашите граѓани. Меѓу нив посебно внимание ќе им биде посветено на темите за економската сигурност и за подобар животен стандард. Токму затоа инсистирам во неколку наврати дека нашиот фокус е ставен на економскиот развој на земјата и на финансиска поддршка за семејствата.

Исто така, оваа Влада останува да биде ефикасна, одговорна, чесна и високо продуктивна во работењето, посветена на поставените високи цели кои со многу работа и труд ќе ги реализираме.“

Share This Article