Илинденците и асномците со оружје јуришале кон иднината за којашто верувале. Тоа е сегашноста што ја живееме ние денес, слободна и независна македонска држава. И ние имаме обврска да јуришаме кон иднината во којашто веруваме, а тоа е европската иднина за нашите деца и идните генерации, порача вечерва премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на отворањето на отворањето на манифестацијата научни културни средби „Десет дена Крушевска Република“ во Крушево.
– Никој повеќе не може и нема потреба да зборува во наше име. Нашето минато тече во нашите вени – и никој не може да го одземе, дури и да сака. Ние нема од што да се плашиме, ниту ни доликува да се откажуваме од битки – нагласи Ковачевски.
Тој истакна дека во предвечерието на денот на македонската државност, на значајниот државен празник Илинден, оддаваме почит на борците од Крушевската Република и на сите борци кои ги положија животите во темелите на нашата Република – денешна слободна, независна, демократска, прогресивна, атлантска и европска, Република Северна Македонија!
– Славата и делата на илинденските херои, се нашата сила за иднината, тие се доказ дека секоја борба вреди, кога се има вредна цел. И ако треба накусо да се одговори што е тоа што Никола Карев, Питу Гули, Гоце Делчев или кој било од нивните современици и сомисленици ги прави големи – тоа се тие самите, но пред сè поради тоа што ставиле пред себе нешто поголемо, заедничко и обединувачко – поставиле идеја. Крушевската Република е идеја за автономна Македонија. Антифашистичката борба е идеја за слободна Македонија. На илинденските идеи од 1903 и 1944 година, во 1991-та година, се поставени темелите на самостојна и суверена Република Македонија. На илинденските идеи од 903-та и 44-та ја градиме и современа и перспективна Република Северна Македонија. И затоа јас денес решив да зборувам за идеите коишто значат перспективи – додаде премиерот.
Тој нагласи дека денес продолжуваме одлучно по европскиот пат, бидејќи тоа е патот на иднината и патот на прогресот, бидејќи светилникот на прогресот ни е поставен уште од илинденците, а прогресивната, илинденска идеја ја бележи и Крушевскиот манифест.
– Илинденската идеја има континуитет низ вековите и ги поврзува нашето минато, сегашноста и иднината. Се покажала функционална и се покажала државотворна. Ги обединува граѓаните кои живеат заедно на ова наше заедничко парче родна земја. Трасира пат на државата кон светот. И таа ни е и аманет и правец, кон напредна и современа држава, во којашто луѓето живеат слободно и достоинствено, интегрирани во семејството на демократски држави и народи во светот. Затоа оттука има само напред – истакна премиерот.
Затоа, според него, не постои сила што може да застане на патот на европскиот напредок на нашата држава и ако некој случајно решил да ја преиспита прогресивната суштина на илинденската идеја, да блокира или кочи развој, тој има различни мотиви и цели, од тоа што е интерес на граѓаните и државата.
– Ние пред нас ја имаме големата визија на големиот Гоце Делчев и таа е и останува нашата политика. Уште пред повеќе од еден век, културниот и духовен револуционер, кој има историски придонес во создавањето на македонската државност, ја изнел хуманистичката идеја низ којашто соопштил дека го разбира светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Ваквата прогресивна идеја е и во основата на Европа, кон којашто стратешки се определивме – истакна Ковачевски.
Премиерот истакна дека нашата следна цел – Европа, не е само унија на држави, почитувани граѓани, туку таа е вредносен концепт што на ова наше тло е негуван со генерации.
– Како Македонци кои говорат македонски јазик, ни е отворен простор на европската маса. Првите документи во Брисел веќе се преведуваат на македонски јазик – истакна Ковачевски.
Премиерот повика, сите, независно од националната, етничка, верска, политичка или друга припадност, да покажеме патриотизам на дело и да продолжиме по аманетот на илинденците напред, а тоа е европскиот пат што го избравме.
– Сакам да порачам: водството не е човек, водството е идеја! Да сработиме напорно сите и да ја осигураме европската иднина. Тоа е идејата зад којашто вреди и мора да застанеме сите, не утре – туку денес, сега! „Сега“ е тоа што зависи од нас – она што ние можеме, треба и мора да го направиме. Ова не е битка за минато! Таа битка илинденците ја воделе и ја добиле! Оваа битка пред нас, почитувани граѓани, е битка за сегашноста и иднината и оваа битка, ве уверувам, заедно – ќе ја добиеме! Херојство е соочување, заедништво и меѓусебно разбирање – нагласи Ковачевски.