Ковачевски ја објасни разликата меѓу првиот и вториот предлог што ни пристигнаа од францускиот претседател Макрон

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Потребен е широк консензус за носење на одлука, за тоа дали ќе тргнеме таму каде што сме се определиле уште 1990 година или ќе талкаме по Балканот и да се занимаваме со работи кои младите генерации не ги ни разбираат, вели премиерот Димитар Ковачевски на средбата со претставниците на медиумите.

– Драго ми е што во Брисел го одбив предлогот и не излегував потоа во јавност за да приберам евтини политички поени. Сега има предлог на маса каков што сакаме – рече премиерот.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи ги објасни деталите на предлогот.

– Јазикот беше најголемиот проблем во преговорите и тоа беше најтешкото прашање. Тоа одзеде најголем дел од енергијата во преговорите. Ние не се трудевме да го смениме мислењето на Бугарија, туку да им објасниме на европските партнери дека тоа е неприфатливо. Во преговарачката рамка со ЕУ сега има чиста формулација на македонскиот јазик, само со забелешка на бугарскиот претставник кој ќе влезе во записникот. Само еднаш ќе има фуснота дека Бугарија нашиот јазик го смета за дијалект на бугарскиот – објасни Османи.

Тој ја објасни разликата меѓу првиот и вториот предлог што ни пристигнаа од францускиот претседател Емануел Макрон.

– Во рамката има еден дел за етнички права, тоа е содржано во Копенхашки критериуми и секоја земја го добива во преговорите. Во нашата рамка е спуштен како посебен акциски план бидејќи ни требаше компромис. Но во содржината никаде ексклузивно не се споменуваат Бугарите, туку се однесува на сите односи. Во делот на добрососедски односи содржани се двата договора со Бугарија, кои и досега биле предмет на преговори. Тука тие инсистираа на посебно поглавје, а Французите предложија да стои услов за Договорот за добрососедство и протоколите. Ние тоа не го прифативме. Во новиот договор решението е компромисно и вели Договорт за добрососедство и годишните прегледи. Прегледите се извештај на работата на двете влади на годишно ниво. Се што има во рамката е чист македонски јазик и спуштен услов за етнички јазик. Во уставот каде стои за македонскиот народ и за делови од другите народи, ќе се додадат Хрватите, Црногорците и Бугарите – вели Османи.

Тој посочи дека било неможно да се најде компромис да се одложи промената на Уставот. Тогаш се договоривме пред отворањето на поглавјата да се менува Уставот, а тоа не било содржено во првиот француски предлог.

– Стратегијата на опозицијата е следна, ако не успее предлогот тогаш ќе нè прогласат за неспособни, а ако е добар тогаш ќе одат на избори – додаде премиерот.

Претставниците на Владата информираа дека деновиве ќе имаат консултации со претседателот на Собранието од кои ќе се знае на кој начин ќе се гласа во законодавниот дом.

- Advertisement -
Ad image

Нагласено беше и дека ниту Преспанскиот ни договорот со Бугарија нема да влезат во преговарачката рамка, но Бугарија ќе може да направи проблем на други полиња во секој момент и тоа никој не може да го спречи.

Share This Article