Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев му реплицира на шефот на европскста дипломатија Жозеп Борел, според кој нема пречки Македонија да се приклучи на Европската Унија.
– Чудно ми е. Сепак, највисокиот претставник на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија малку подзаборавил дека францускиот предлог е европски предлог до Република Северна Македонија за почеток на преговори и вклучува промена на Уставот. Тоа е само почетниот услов, промената на Уставот и вклучувањето на Бугарите, како во Преамбулата, така и во сите делови на Уставот кои се поврзани со правата на граѓаните на Република Северна Македонија. Ова не е билатерален спор и затоа, категорично, господинот Борел нешто има побркано со својата изјава – изјави за бугарскиот портал Актуално членот на Европскиот парламент од ГЕРБ на експремиерот Бојко Борисов, Андреј Ковачев.
– Господинот Борел не може да каже дека нема никакви пречки од страна на Европската Унија, бидејќи тоа е европскиот услов за Република Северна Македонија да ги започне преговорите. Единствено што разбирам е дека во моментов европските лидери и земјите-членки и нивните парламенти сакаат да ја мотивираат власта на СДСМ на Димитар Ковачевски, но и опозицијата во лицето на Христијан Мицкоски, кој вчера беше во Брисел и одржа голем број состаноци на кои го повикаа и тој да учествува, бидејќи знаеме дека им недостигаат 8, 9, 10 гласа за промена на Уставот и тие мора да дојдат од опозицијата, која, пак, води далеку пред социјалдемократите во анкетите на јавното мислење, а Христијан Мицкоски смета дека како иден премиер на Северна Македонија нема потреба сега да учествува во промена на Уставот. Смета дека откако ќе стане премиер, сам ќе ги реши овие проблеми – додаде Ковачев.