Ковачевски и Мицкоски со честитка за Божик: Да си подадеме рака и со добра мисла можеме да одиме напред

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Претседателите на двете најголеми партии во Македонија, на СДСМ Димитар Ковачевски и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски упатија честитка по повод празникот Рожденство Христово – Божик до сите православни христијани.

Премиерот Димитар Ковачевски, во име на Владата и во свое лично име, упати честитка за Божик до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски и македонски, г.г. Стефан, како и до сите православни верници кои го празнуваат Христовото раѓање – Божик, еден од најголемите христијански празници.

– Во духот на денешниот празник да се потсетиме на неговата симболика – да сакаме, да почитуваме, да простуваме, да помагаме и да подаваме рака на оние на кои им е потребна помош. Само со добрина во нашите срца и желбата за сплотеност ќе можеме да ги победиме разните искушенија пред кои сме исправени – порача Ковачевски во честитката.

Лидерот на СДСМ потсети на значењето на Божик, кој, како што вели, „е празник кој обединува, кој сплотува и кој значи безусловна љубов”.

– Како што празникот сите нè обединува во семејниот дом, така нека нè обедини и во сите други сфери на живеењето. Да се радуваме на денешниот ден, да ја славиме веста за Христовото раѓање, со љубов и топлина во нашите срца. Со добра мисла и добри дела можеме да одиме напред и да создаваме подобро утре за сите нас. Нека денешниот ден, Божик-симболот на радоста, надежта, сплотеноста и заедништвото биде наша водилка во годината што почнува. Христос се роди! Честит Божик! – наведува Ковачевски во честитката упатена до поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан

Мицкоски во честитката испраќа порака за сплотеност и заедничко делување кон, како што наведува, благосостојба, напредок и подобро општество. Потребни се, оценува, надеж и заедништво како никогаш досега за да успееме да се избориме за подобра иднина.

– Од мое лично име и од името на ВМРО-ДПМНЕ на сите православни христијани им го честитам големиот христијански празник Рождество Христово – Божик. Овој ден на кој го славиме животот, новите почетоци и семејството нека ви донесе многу здравје, радост и среќа во вашите домови кои ќе ве следат низ целата година. Христовото раѓање не потсетува на Божјата љубов, милосрдие, меѓусебно да се разбираме и почитуваме, да бидеме хумани и да си помагаме, особено сега во овие тешки времиња со кои се соочуваме. Празнувајќи го овој празник да дадеме пример со порака за сплотеност заеднички да делуваме кон благосостојба, напредок подобро општество. Заеднички да делуваме да се измени тешката реалност и да не живееме повеќе во неизвесност и несигурност. Потребна ни е нова и подобра реалност. Македонија во која сите заедно ја живееме сегашната реалност и ја споделуваме маката, мора да стане држава на среќни граѓани, држава на граѓани кои ќе имаат квалитетен живот и достоинство. Да си подадеме рака едни на други и со верба да работиме на нашата заедничка и подобра иднина, а поразите и неуспесите да останат позади нас. Нека Христовото раѓање ви донесе светлина и радост во вашите домови. Нека е за многу години големиот христијански празник Божик. Христос се роди! Навистина се роди! – пишува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Share This Article