Од ВМРО-ДПМНЕ упатија жестоки критики кон јавниот обвинител Љупчо Коцевски, обвинувајќи го за, како што велат, „целосно непостапување“ по бројни случаи на корупција и криминал, со што ја продлабочува недовербата на граѓаните во правосудниот систем.
„Од слоганот на СДСМ – ‘Нема правда, нема мир’, денес сме сведоци дека правдата е на дното, а правосудството е претворено во алатка за заштита на криминалот на власта,“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат дека Љупчо Коцевски веќе шест месеци не покренал ниту едно обвинение, и го обвинуваат за заштита на лица блиски до владејачките партии СДСМ и ДУИ.
„Коцевски не само што не постапува, туку отворено ги штити криминалците од редовите на СДСМ и ДУИ. Наместо да обезбеди правда и владеење на правото, тој ја продлабочува кризата во правосудството и го уништува она малку доверба што остана кај граѓаните“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму набројуваат и конкретни случаи за кои тврдат дека обвинителството не постапува: скандалот „Онкологија,“ злоупотребите во Јавното претпријатие за државни патишта, сомнителните активности во Државната лотарија, криминалите поврзани со ТЕЦ Неготино, РЕК Битола, ЕСМ и МЕПСО, нерегуларности при купување земјиште долж трасата за автопатот Скопје – Блаце.
„Докази за овие случаи постојат, но Коцевски и Јавното обвинителство со прст не мрднаа за да отворат предмети или да започнат постапка,“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата упати апел до јавноста, нагласувајќи дека правдата не смее да чека.
„Коцевски мора да знае дека е платен од граѓаните за да ја гарантира правдата, а не за да биде во спрега со политичките криминалци. Македонија не може повеќе да трпи неуспех, несериозност и непрофесионалност од страна на обвинителите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека смената на Коцевски и реформите во правосудството се неопходни за враќање на довербата на граѓаните.