Голем минус за Косово и покрај сите напори за стабилни односи и соработка со Македонија.
Вака политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо ја коментираат одлуката на косовскиот премиер Албин Курти в петок да ја посети Македонија и да се сретне само со претставници на албанската опозиција во земјава, без да изрази желба да се сретне со претставник на македонската Влада.
Дел од експертите потенцираат дека досега се нема случено премиер на друга држава да пристигне во земјава, а да не се сретне со претставници на нашата Влада или со премиерот, макар и да испијат кафе „од нога“.
За дел, пак, пристигнување на Курти во земјава е исклучиво приватна работа и претставува лична одлука на косовскиот премиер овде да потроши дел од својот годишен одмор, без да биде обврзан да има официјални средби на највисоко ниво.
Косовскиот премиер Албин Курти во повеќе наврати се докажа како различен политичар од Еди Рама, па поистоветувајќи се со него, лидерите на албанската опозиција во Македонија ќе се обидат да бидат различни на свој начин
Универзитетскиот професор и поранешен министер за локална самоуправа, Ризван Сулејмани, за Плусинфо вели дека посетата на Курти нема да помине низ никаков политички протокол, освен оној безбедносниот кој е задолжителен.
– Ова е приватна посета на косовскиот премиер Албин Курти. Меѓутоа, политичките партии во земјава најверојатно ќе сакаат да придобијат некој политички поен од оваа посета. Јас претпоставувам дека целта на неговото доаѓање е прегрупирање на опозицискиот блок во Македонија, но и обид да се постават границите и да се изврши политичка дистанца, за да може полесно да се одвива препознавањето која партија влече кон политичкото делување на Курти, а која кон политичкото делување на албанскиот премиер Еди Рама. Досега, во земјава тешко се правеше разлика помеѓу албанска опозиција и албанска позиција. Па сега, врз основа на следење на политиките на Курти, албанската опозиција во Македонија ќе сака да прикаже дека е различна од ДУИ. Преку идентификација со овие политички личности – Курти и Рама – лидерите на албанската опозиција во земјава сакаат да ја направат разликата и да се дистанцираат од политиката на Али Ахмети. Косовскиот премиер Албин Курти во повеќе наврати се докажа како различен политичар од Еди Рама, па поистоветувајќи се со него, лидерите на албанската опозиција во Македонија ќе се обидат да бидат различни на свој начин – објаснува Сулејмани.
Политикологот Димитар Христов, пак, смета дека доаѓањето на Курти и средбите само со претставници на албанската опозиција ќе ја разигра најавената предизборна атмосфера во Македонија.
– Дали со овој потег албанската опозиција се обидува заеднички да му се спротивстави на ДУИ и да му внесе доза страв за претстојните избори е нешто што го знаат само дел од албанските опозиционери. Во секој случај, од оваа средба нема да може да се дојде до никаков напредок, бидејќи задолжени за меѓународни односи се министерот за надворешни работи, премиерот и претседателот, а во одредени случаи и претседателот на Собранието. Можеби Курти вака планира да си го искористи годишниот одмор, патувајќи во Македонија?! Сепак, како и да гледаме, ова е голем минус на Косово и покрај сите напори за стабилни односи и соработка со Македонија – ни изјави Христов.
На прашањето зошто ниту еден владин претставник нема да се сретне со косовскиот премиер за време на неговата посета на земјава, министерот Бујар Османи синоќа одговори дека нема официјална информација а посетата.
– Ние немаме официјална информација дека тој ќе дојде. Гледаме по социјалните мрежи дека има некоја партиска комуникација, така што навистина немам информации – рече Османи.
Инаку, Курти в петок ќе им биде гостин на градоначалниците на Тетово и на Чаир, Билал Касами и Висар Ганиу, а ќе се сретне и со Изет Меџити, основач на новата политичка партија Демократско движење.
Според најавата, Курти ќе ја почне посетата од Општина Тетово, по што заедно со тетовскиот градоначалник ќе го посетат селото Вејце, каде според најавите ќе ја промовираат идејата за поврзување на Тетово и Призрен со регионален пат. Потоа, на централниот плоштад „Илирија“ ќе се одржи културно забавна манифестација посветена на доаѓањето на косовскиот премиер во Тетово.
Како што информираат од Кабинетот на Курти, на настанот ќе учествуваат повеќе актери и музичари, а свој настап ќе има и познатиот бенд „Елита-5“.
Во Чаир, премиерот на Косово, Албин Курти, ќ се сретне со градоначалникот Висар Ганиу.
Планирано е со Ганиу да ја пуштат во употреба улицата која го носи името на албански патриот и деец Адем Демачи, додека со Меџити ќе разговараат за политичките случувања во земјава, со акцент на активностите кои ги предвидува политичката партија која по заминувањето од ДУИ ја формира нивниот поранешен потпретседател.