Косовската полиција објави денеска дека при претресот на имотите на двајцата осомничени за шпиунажа во корист на Србија, кои беа уапсени вчера во градот Урошевац, пронашла, меѓу другото, оружје, муниција, маски и војнички гас-маски, јави дописникот на МИА од Приштина.
Уапсените косовски Албанци, Бедри Шабани и Мухарем Ќерими, според извори од косовската полиција, работеле за структури на српската разузнавачка служба внатре во Косово, односно соработувале со Безбедносно-информативната агенција на Србија – БИА.
„При претрес на локациите на двајцата осомничени, машки лица од Косово, пронајдени се и како материјални докази одземени различни документи, компјутери, телефони, УСБ, ДВР, касети, оружје и муниција, маски, војнички гас-маски и многу други докази. Двајцата осомничени се приведени и со решение на обвинител им е е одреден притвор“ – се наведува во извештајот од косовската полиција.
Според медиумите, едниот од упасените, Бедри Шабани, бил царински службеник во периодот 1990-99 година, додека по војната продолжил да ја врши функцијата цариник во времето на администрацијата на Мисијата на Обединетите нации во Косово, УНМИК. Другиот осомничен, Мухарем Ќерими работел како службеник во косовската полиција, до кратко време по прогласувањето на независноста на Косово во 2008 година.
Шабани, како соработник на БИА уште од 90-тите, според извори на порталот „Газета експрес“ од косовските разузнавачки служби, имал задача да собира информации и истите да ги фабрикува со цел да го наруши имиџот на Косово.
Уапсените, според изворот на косовскиот портал, со години биле следени од косовските безбедносни институции.
Исто така, изворот тврди дека приведените му рапортирале на офицерот на српската тајна служба Срѓан Росиќ, кој живеел во Урошевац во 90-тите, а чие име се споменува и во судењето за воени злосотрства на поранешниот срспки лидер, Слободан Милошевиќ во Трибуналот во Хаг.
Српската БИА вчера преку соопштение негираше дека имала било каква врска со уапсените во Урошевац.