Косовската Влада одлучи да престане да ги покрива со налепници државните симболи на Србија на српските регистарски таблички, само пет дена откако ваквата одлука на српската влада стапи на сила за ознаките на табличките на Република Косово.
Косовската влада ја донесе својата одлука вчера, соопштија од кабинетот на премиерот Албин Курти, а таа беше образложена како „чин на добрососедски односи и доаѓа по целосното признавање на табличките на Република Косово од страна на Србија“, се наведува во соопштението.
Косовскиот премиер Албин Курти, коментирајќи ја одлуката на Белград да дозволи слободно движење на возилата со таблички на Република Косово (РКС), претходно изјави дека Приштина ќе реагира реципрочно „штом граничната полиција документира и докаже дека Србија целосно ја спроведува својата одлука и без пречки“.
Владата на Србија на 25 декември одлучи да овозможи слободно движење на сите возила од Косово и Метохија, со образложение дека оваа одлука произлегува од договорот меѓу двете страни од 2011 година.
На сите гранични и административни премини, најави Србија, ќе биде објавено известување дека „учеството во сообраќајот“ е дозволено за сите возила регистрирани на Косово „исклучиво од практични причини, со цел да се олесни положбата на поединците и да се овозможи нивна слобода на движење“.
Српските власти објаснија дека одлуката не може да се толкува како признавање на независноста на Косово и дека не го прејудицира одредувањето на конечниот статус. Ова е обид да се реши спорот, кој во претходните месеци поттикна тензии и инциденти меѓу двете страни.
Во октомври минатата година, владата на Косово започна процес на пререгистрација на возила со српски таблички за градовите во северниот дел Косово, со таблички РКС, на што реагираше Белград со повлекување претставници на Србите од косовските институции, вклучително и од полицијата.
Следеа серија кризи и тензии на северот, кои кулминираа со акција на паравоена група Срби и конфликт со косовската полиција во северното косовско село Бањска, кога еден косовски полицаец и тројца членови на група вооружени Срби беа убиени.