Српскиот кошаркар Никола Јокиќ ја славеше победата на Денвер против Л.А. Лејкерс, со резултат 101:99, благодарение на одличниот кош на Џамал Мареј во последната секунда од натпреварот, објави српски Мондо.
Јокиќ од среќа веднаш скокна кон него, пред ТВ камерите го пофали својот соиграч, кој до последните 2 минути беше можеби најлошиот играч на играта, а потоа на прес-конференцијата упати пофалби за Канаѓанецот.
Притоа, тој беше „прекинат“ од новинарско прашање на неговиот роден српски јазик.
Кога го слушна прашањето од српскиот новинар, сѐ падна во втор план, бидејќи Јокиќ првин се изненади кога го слушна „својот“ јазик на прес-конференцијата, па веднаш извика: „Еј, здраво!“.
– Имаме одличен период, ги победивме 10 пати по ред, но сега губевме со 20 разлика и можеше да биде лошо за нас. Си веруваме еден на друг, кога тој даде кош, сите скокавме и се радувавме за него. Се обидувам да живеам во моментот, утре е нов ден, треба да уживаш во моментот – рече Јокиќ.
Околу самиот натпревар, Јокиќ истакнува дека не било план Мареј да погоди преку Дејвис, еден од најдобрите дефанзивци во НБА со години.
– Имавме 13 секунди да дадеме кош, тие го ставија Леброн да го чува Мареј, а Дејвис мене, за да можат бргу да ротираат. Затоа го поставивме Колдвел-Поуп, за да не можат да ротираат, но не успеавме. Знаеме за што е способен Мареј. Го даде најтешкиот кош, а го промаши најлесниот. Сите знаевме дека Мареј ќе шутира во последните секунди, си веруваме едни на други – изјави Јокиќ.