Коњи учесници во Илинденскиот марш кои претходно биле пријавени за украдени во Скопје, пронајдени се во Кавадарци.
Од СВР Велес денеска потврдија за МИА дека имаат евидентирано ваква пријава во кавадаречката полиција.
„Денеска 25.07.2024 во ОВР Кавадарци, И.Т. од Скопје пријавил дека на ливада во близина на улица Клинска во Кавадарци, ги пронашле коњите кои биле ангажирани за учество во Илинденскиот марш, за кои претходно во Полициска станица Аеродром во Скопје, било пријавено дека се украдени. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, се вели во писмениот одговор од портпаролката на СВР Велес, Биљана Ѓаковска.
Оваа фотографија МИА ја направи во паркчето спроти полицијата во Кавадарци, во централното градско подрачје.
Покрај коњот беа неколку лица. Едниот од нив ни се претстави како Игор Тасевски и рече дека е сопственик на еден од коњите што биле украдени, коњот Тошка.
– Всушност, беа украдени три коњи од седиштето на Илинденскиот марш во Горно Лисиче, пронајдени се во Кавадарци – рече тој.